Diyar Güldoğan
03 Јуни 2026•Ажурирано: 03 Јуни 2026
Армијата на САД и нејзините партнерски сили пресретнаа повеќе ирански ракети и беспилотни летала, соопшти денес Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), пренесува Анадолу.
„Американските сили успешно елиминираа повеќе ирански балистички ракети и беспилотни летала и извршија напади во самоодбрана врз островот Кешм, како одговор на обидите за напади од страна на Иран низ Блискиот Исток“, се наведува во соопштението на ЦЕНТКОМ.
Иран лансираше неколку балистички ракети кон соседите во регионот, соопшти ЦЕНТКОМ, додавајќи дека ниедна не ги погодила целите.
„Две ирански ракети истрелани кон Кувајт претрпеа дефект во текот на летот и паднаа пред да ја достигнат целта, а три ракети лансирани кон Бахреин беа веднаш пресретнати од воздушната одбрана на САД и Бахреин“, прецизираше Командата.
ЦЕНТКОМ, исто така, соопшти дека нејзините сили собориле три беспилотни летала за еднократни напади (дронови камикази), кои биле лансирани од Иран кон цивилни бродови што пловеле низ регионалните води.
„Американските сили извршија и напади во самоодбрана врз иранска воена копнена контролна станица на островот Кешм“, се додава во соопштението, при што е нагласено дека ниеден американски војник не е повреден.
Исто така, ЦЕНТКОМ го демантираше тврдењето на Исламската револуционерна гарда на Иран (ИРГЦ) дека со ракети и беспилотни летала ги погодила штабот на Петтата флота на САД во Бахреин и американската воздушна база во регионот, оценувајќи го како „лажно“.
„Сите ирански напади врз американските сили беа неуспешни. Американските сили остануваат претпазливи и подготвени да се одбранат од неоправданата иранска агресија“, соопшти ЦЕНТКОМ.
Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) утринава соопшти дека нападите насочени кон американските бази во Кувајт биле спроведени откако САД извршиле напади во близина на Ормускиот Теснец и на островот Кешм во Јужен Иран.
Подоцна Командата соопшти дека други ирански беспилотни летала, кои се обиделе да ги нападнат американските сили во Кувајт, не успеале да ги погодат предвидените цели.
„Воздушната одбрана на Централната команда на САД успешно собори повеќе беспилотни летала и осигури ниеден американски војник или имот да не биде повреден или оштетен“, се додава на крајот од соопштението.