Mustafa Bikeç
29 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
БУРСА (AA) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов кој престојува во посета на турскиот град Бурса истакна дека се радуваат на економскиот развој и економските успеси на Република Турција, додавајќи дека Македонија и Турција можат да направат многу повеќе во инвестициите и во трговската размена, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамки на работната посета на Република Турција, во градот Бурса, Иванов оствари средба со претставници на Стопанската и трговската комора на Бурса (BTSO).
Повикувајќи ги бизнисмените од Бурса да инвестираат во Република Македонија, претседателот Иванов во своето обраќање истакна дека двете држави и нивните институции вложуваат значајни напори за дополнително упапредување на соработката во областа на економијата.
„Во 2012 година со турскиот државен врв направивме преглед на нашите билатерални односи и заклучивме дека имаме одлични односи на политичко ниво. Сепак, имаше нешто што недостасува, економската соработка не беше на нивото на одличните политички односи. Затоа, си поставивме една цел, а тоа е годишната трговска размена да ја зголемиме на една милијарда долари. И како што македонската и турската држава си ги почитуваат ветувањата така и турските и македонските стопанственици знаат да го исполнуваат зборот што ќе го дадат едни на други", рече Иванов.
Тој додаде дека е најважно стопанствениците од двете земји да се фокусираат на она, како што рече, што е најважно, економската соработка и инвестициите.
„Нас нѐ радува перманентниот економски развој и економските успеси на Република Турција. Од друга страна пак, Република Македонија нуди огромен број можности и прилики. Едно е јасно можеме многу повеќе и во инвестициите и во трговската размена", порача Иванов.
Осврнувајќи се на активностите на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во Македонија, Иванов истакна дека ТИКА има реализирано 650 проекти во Македонија, како и дека вкупниот износ на овие проекти достигна 116 милиони долари.
Претседателот на Стопанската комора на Бурса, Ибрахим Буркај, во своето обраќање, рече дека му претставува задоволство да биде домаќин на претседателот Ѓорге Иванов во турскиот град Бурса.
Во рамките на посетата на градот Бурса, Иванов ги посети и историските места во подрачјето на Изник, кое се наоѓа во Бурса.