Bekim Laci
29 Ноември 2018•Ажурирај: 30 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Скопје денес беше домаќин на 16. состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница на кој беа донесени низа предлози за законодавството и за други прашања кои се однесуваат на енергетиката на земјите аспиранти за членство во Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата по Министерскиот совет, вицепремиерот на Република Македонија, Кочо Анѓушев, истакна дека Енергетската заедница е една многу значајна институција, бидејќи на регионот му дала еден многу важен импакт, од аспект на усогласување на законодавството со тоа на ЕУ, бидејќи, како што рече, енергетиката не е дефинирана во однос на почитувањето на границите на земјите, туку пошироко од тоа.

Анѓушев рече дека е важно да се нагласи оти Енергетската заедница донела одлука проектите на Македонија за интерконекција со другите земји да ги стави на приоритетна листа.
„Она што е важно е дека нашите енергетски проекти кои што се за интерконекција на енергенсите со останатите земји, се наоѓаат на списокот на приоритетни проекти на Енергетската Заедница. Тоа се проектот на далеководот помеѓу Битола и Елбасан, и тоа е проектот за гасното поврзување со Грција, значи интерконекцијата помеѓу Македонија и Грција, што е еден од приоритетите на Владата, и истиот проект се наоѓа и на приоритетната листа на Енергетската Заедница, што претпоставува дека полесно ќе се дојде финансиски средства од финансиските институции, а истовремено ќе се определат и одредени средства на грантови за изградба на овој гасовод“, додаде Анѓушев, кој очекува позитивен импакт од проектите, особено поради фактот што Македонија со далноводот веќе е поврзана со земјите од регионот, за што врската со Албанија ќе ја заокружи интерконекцијата.
Анѓушев истакна дека моментално се вршат работи во подзаконските акти кои ќе го овозможат отворањето на централите од обновливи извори, кои во наредните три години ќе произведат 350 мегавати енергија.
Министерот за економија на Република Македонија, Крешник Бектеши, претседавач со 16. состанок на Министерскиот совет на Енергетската заедница, нагласи дека на денешниот состанок биле реализирани успешни дискусии, и дека Македонија, по преземањето на претседавањето со Енергетската заедница, ги исполнила сите обврски кои ги имала од претходно.
„Ние сите обврски што ги имавме во тоа време, но истовремено и споровите што беа отворени врз Република Македонија ги завршивме навремено заедно со кабинетот и со вицепремиерот Анѓушев, и денеска можам слободно да кажам дека Република Македонија може да е и водич на реформите што се однесуваат до обврските што ги имаме како членови на Енергетската Заедница“, рече Бектеши.
Директорката за енергетска политика во Европската комисија, Меган Ричардс, истакна дека присуството на министрите за енергетика и животна средина ја покажува важноста што ја има енергетската транзиција и владеењето на правото врз Енергетската заедница.
Ричардс рече дека 16. состанок на Министерскиот совет се фокусирал на модернизација на Договорот на Енергетската заедница кој е во надлежност на Европската комисија, за да ги информира страните за принципот на реципроцитет, и додаде дека фокусот на наредниот состанок, кој ќе се одржи во Катовице, Полска, ќе биде намалување на емисиите на стакленичките гасови.
„Во Катовице во Полска, каде што ќе имаме многу интересни разговори за тоа како да продолжиме понатаму во однос на нашите долгорочни стратегии за редуцирање на стакленичките гасови, а исто така, Комисијата вчера ја усвои и долгорочната стратегија за редуцирање на емисијата на стакленички гасови, нешто што во иднина ќе биде презентирано пред Енергетската заедница“, нагласи таа.
Во текот на дебатата беше нагласено дека обновливата енергија во Македонија се употребува минимално, што е проблем и на другите земји, и дека земјата треба сериозно да се справи со ова прашање поради тоа што светот нема доволно енергија за потребите на човештвото.
Македонија беше пофалена за ратификување на Законот за енергетика, но беше наведено дека нештата не се подобрени, бидејќи недостига спроведувањето во практика.