Meryem Göktaş
02 Декември 2018•Ажурирај: 03 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп се согласи да не ги зголемува тарифите за стоки увезени од Кина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што објави Белата куќа, Трамп со кинескиот претседател Си Ѓинпинг одржал многу успешен состанок на маргините од Самитот на Г-20 во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес.
„Во однос на трговијата, претседателот Трамп се согласи дека на 1 јануари 2019 година, тарифите ќе останат за производи во вредност од 200 милијарди долари со стапка од 10 отсто, а во овој период стапката нема да се зголеми на 25 отсто“, се вели во соопштението.
Во пресрет на Самитот на Г20, Трамп додаде поголема напнатост кон веќе затегнатите односи меѓу двете најголеми економии во светот, со закани кон Кина за проширување на тарифите за кинеската стока доколку не се постигне договор.
„Кина ќе се согласи да купи, уште недоговорено, но значително количество земјоделски, енергетски, индустриски и други производи од САД, со цел да се намали трговскиот дисбаланс меѓу нашите две земји“, се вели во соопштението.
Се истакнува и дека Кина се согласила „веднаш“ да започне со купување земјоделски производи од американските земјоделци.
И двајцата лидери постигнале согласност да започнат преговори за структурните измени во врска со присилниот трансфер на технологијата, заштитата на интелектуалната сопственост, за нетарифните бариери, за киберупадите и киберкражбата, за услугите и земјоделството.
Во соопштението се вели дека земјите се согласиле да го исполнат договореното во следните 90 дена.
„Доколку на крајот на овој период страните не се во можност да постигнат договор, тарифите од 10 отсто ќе се зголемат на 25 отсто“, се додава во соопштението на Белата куќа.