Husameddin Gina
09 Септември 2018•Ажурирај: 10 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со економскиот тим на Владата, на денешната прес-конференција се осврна на растот на бруто-домашниот производ и на последните економски случувања во земјава, јавува Anadolu Agency (AA).
Според премиерот Заев, македонската економија расте и се стабилизира на долг рок, а тоа е убава вест.
„Во вториот квартал во 2018 година растот на бруто-домашниот производ достигна 3,1 процент, што претставува значајно забрзување на економскиот раст во овој период од годината“, рече премиерот Заев.
Премиерот, исто така очекува дека до крајот на годината како Влада ќе успеат да ја достигнат проектираната годишна стапка на раст од 3,2 проценти.
„Ваквиот тренд на пораст на бруто-домашниот производ покажува дека политичката стабилизација на земјата која ја постигнавме заедно со поканата за членство во НАТО, започнатиот процес за почеток на преговори со ЕУ и спроведувањето квалитетни економски политики значително ги отворија перспективите за раст и развој на македонската економија“, истакна премиерот.
- Економија и само економија -
Одговарајќи на новинарско прашање, за што разговарале со германската канцеларка зад затворени врати, премиерот Зоран Заев изјави дека економијата била најзначајна тема.
„Со канцеларката Меркел, покрај тоа што зборувавме за референдумот, неговата успешност, идните процеси за интеграцијата во Европската Унија, зборувавме за економијата, потоа зборувавме за економија, па пак, зборувавме за образованието заради економијата, па зборувавме за странските инвестиции од Германија, пак заради економијата, пак темата беше економија. Тука беше дадено одобрението од германската Влада за формирање управувачки комитет кој комплетно ќе го даде фокусот на екомонијата. Интересот е обостран и за Македонија и за Германија“, изјави премиерот.
Премиерот Зоран Заев, на прес-конференцијата кажа повеќе детали и за економскиот советник од Германија.
„Очекувам советникот да дојде до крајот на годината. Ќе дојде експерт кој многу ќе помогне во делот на преадаптација, преквалификација на нашите граѓани за да можат полесно да најдат достоинствена работа. Експертот ќе биде советник во Владата и платен од Владата“, рече премиерот.