Ekipa
09 Септември 2018•Ажурирај: 10 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со сенаторот од Соединетите Американски Држави (САД), Рон Џонсон, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Собранието на РМ се вели дека американскиот сенатор Џонсон истакнал оти целта на неговата посета на Република Македонија е да ја пренесе и да ја потврди поддршката што САД ѝ ја пружаат на Македонија за надминување на последната пречка кон полноправното членство во НАТО, потенцирајќи дека членството во НАТО ја гарантира безбедноста на Македонија, со што, како вели, се поттикнува растот на економијата, што е и примарната цел.
Тој, исто така, се заблагодари за досегашниот придонес на нашата земја во мисиите на НАТО и за определбата за трошење на 2% од БДП за одбраната.
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, истакнал дека посетата на Џонсон е континуитет на поддршката од САД, и се заблагодарил за триесетгодишната помош и поддршка што САД ѝ ја даваат на Република Македонија. Тој, исто така, изразил благодарност и за позитивниот ангажман на Амбасадата на САД во РМ и на персоналот на чело со Џес Бејли, во минатото и сега.
Џафери, се вели во соопштението, говорел и за активностите што Собранието на Република Македонија ги има во врска со кампањата за референдумот и за начинот на нејзиното спроведување.
Тој го информирал американскиот сенатор Џонсон дека Собранието на Република Македонија има потполн легитимитет, како претставничко тело на граѓаните, имајќи ги предвид интересите на државата, да го води и заокружи процесот по референдумот, сè до зачленување во НАТО.
Тој понатаму истакнал дека Македонија е потполно свесна за тоа кои ѝ се стратегиските партнери и стратешката цел на земјата, особено, затоа што поддршката на граѓаните за членство во НАТО и ЕУ никогаш не билa под 70%, а најчесто и многу повеќе, се наведува во соопштението на Собранието на РМ.