Admir Fazlagic
12 Септември 2018•Ажурирај: 12 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Опозициската ВМРО ДПМНЕ ги повика граѓаните на претстојниот референдум кој ќе се одржи на 30 септември оваа година да гласаат по сопствено убедување и да донесат одлука, соопшти лидерот на партијата Христијан Мицкоски по состанокот на Централниот комитет, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што рече Мицкоси, ваквата одлука е донесена по консултациите со граѓаните и различните мислења кои постојат меѓу народот - за апстиненција или да се гласа против, но и оние кои сметаат дека треба да се поддржи.
„Секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секоја индивидуа со сопствениот морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра, пред се, за своето семејство, и за нашата мила Македонија. Македонија ни е се. Нема партиите да одлучуваат. За национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука сите ние ќе се поклониме", истакна Мицкоски додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ, Договорот за името е неприфатлив.
Тој во своето обраќање вечерва рече дека според ВМРО-ДПМНЕ, со Договорот за името, Македонија е на крстопат и дека тој не е исчекор, а со негово прифаќање, како што рече, се губат досега стекнатите позиции во преговорите, а тоа се: Резолуцијата на Обединетите нации, Времената спогодба и Хашката пресуда.
Мицкоски додаде и дека со, како што рече, повеќезначното и манипулативно прашање граѓаните се доведуваат во забуна, затоа прашањето не се однесува на суштината - менувањето на името на дражава и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е за членство во ЕУ и НАТО, како и дека не смее да има поинаква иднина за Македонија.
Меѓу другото, лидерот на опозицијата, Мицкоски, го повика премиерот Заев на нов ТВ-дуел, на кој ќе дебатираат за Договорот за името и за неговата суштина.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција на 17 јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.
Дел од спроведувњето на Договорот е и одржување референдум во Македонија, кој е закажан за 30 септември оваа година. Референдумското прашање ќе гласи „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“.