Fatjon Cuka
20 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Собранието на Р. Македонија, Талат Џафери, престојува во официјална дводневна посета на Албанија, каде што денес оствари средба со својот албански колега, Грамоз Ручи, јавува Anadolu Agency (AA).
Ручи и Џафери по средбата одржаа заедничка прес-конференција во Собранието на Албанија, на која се осврнаа на прашањата како продлабочувањето на соработката меѓу двете земји, поддршката на Албанија за членството на Македонија во НАТО и во ЕУ, соработката меѓу двете земји во процесот на членство во ЕУ и други прашања.
Претседателот на Собранието на Албанија, Грамоз Ручи, истакна дека за време на средбата ја повторно ја потврдиле посветеноста за зајакнување на билатералните и мултилатералните односи.
„За време на средбата споделивме иста визија дека Албанија и Македонија треба да се зачленат во евроатлантските тела, бидејќи Западен Балкан е интегрален дел на европската безбедност. Му потврдив на Џафери дека Албанија ќе продолжи да ја поддржува евроатлантската интеграција на Македонија. Изразив задоволство од конструктивната и многу активна улога на албанските политички актери во овој процес, во рамките на интересите на нивната земја, и во рамките на нивното добро и благосостојба. Изразувам верување за иницијативата за законот за јазиците, поконкретно на албанскиот, да биде што поскоро усвоена од страна на македонските интитуциите, и потоа де факто имплементирана“, рече тој.
Претседателот на албанското Собрание нагласи дека разговарале и околу проектите за инфраструктурата, особено за реализирање на проектите околу „Патот на Арбер“. „Се согласивме да се осврнеме на прашањата кои останале одложени во претходните договори меѓу Албанија и Македонија“, нагласи Ручи.
Од друга страна, претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, рече дека како претседател на македонското собрание ќе даде придонес во продлабочување на соработката меѓу двете земји во повеќе области.
„Уште еднаш да го потврдам нивото на пријателство меѓу двете наши земји, особено улогата на одлуките на надлежните институции, посочувајќи на одлуката и на овој албански законодавен дом, за усвојување на законот за правата на малцинствата во Република Албанија, што е еден од мостовите за продлабочување на соработката меѓу двете земји и двете собранија. Изразувам задоволство за досегашното ниво на билатералните односи меѓу двете земји и од аспект на регионалната соработка, и од аспект на нашите заеднички напори за членството на Македонија во НАТО и за заедничките напори на патот кон членство во ЕУ“, нагласи Џафери.
Тој истакна дека посакува неговата посета да биде во духот на меѓуинституционалната комуникација, особено, според него, поставувањето на практиката на комуникација меѓу двајцата претседатели на собранијата. „Јас како претседател на Собранието (на Македонија) ќе се трудам да дадам максимален придонес за соработката меѓу двете наши земји, таа повеќе да се продлабочува во сите сфери. Како држава одлучни сме да се фокусираме во градењето на граѓанско општество, врз основа на еднакви можности за сите, особено во меѓуетничките односи. Повикувам на подлабока соработка во сите можни сфери“, истакна Џафери.
Претседателот на Собранието на Р. Македонија денес се состана со претседателот на Албанија, Илир Мета, а ќе се состане и со вицепремиерката на Албанија, Сенида Меси, како и со лидерот на опозицијата, а воедно и претседател на Демократската партија на Албанија, Љуљзим Баша. Џафери утре ја посети и општината Пустец.
Посетата на Џафери во Албанија се реализира неколку дена по одржувањето на заедничката владина седница меѓу Албанија и Македонија во Поградец, каде што меѓу двете земји беа потпишани неколку договори за соработка.