Besar Ademi
18 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, по неговата средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, истакна дека препораката на Европската комисија за отворање на преговори за членство на Македонија во ЕУ е достигнување коешто го заслужија граѓаните на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Пред сѐ, овој успех е посветен на граѓаните на Република Македонија, кои без резерви ги поддржаа сите напори на политичките партии за достигнување на тие вредности и очекувања на самите граѓани, и очекувањата на препораките на ЕУ за тоа во која насока треба да се движи Република Македонија“, изјави Џафери.
Тој нагласи дека во наредните три месеци останува спроведувањето од практичен аспект на она што е усвоено како процес или пакет реформи постигнати во Македонија, со цел да се овозможи Европската комисија во текот на средбата во јуни да одреди датум за започнување на преговорите и отворање поглавја за полноправно членство на земјата.
Еврокомесарот Хан престојува во официјална посета во Македонија еден ден по Препораката на Европската комисија за отворање на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Тој во Собранието се сретна и со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
По средбата, Ахмети рече дека упатил благодарност до Хан за неговата посветеност за Македонија да постигне успех, кој не е и неочекуван за земјата.
„Овој успех не треба да нѐ стави во сон, туку бара уште повеќе ангажирање од страна на сите нас, од страна на сите политички сили, за да го постигнеме потребниот чекор кон започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Нѐ чекаат многу важни и суштински работи, почнувајќи од реформите во судството, во борбата против криминалот и корупцијата, како и спроведување на сите ориентации кои произлегуваат од Брисел, за ние што побрзо да ги започнеме преговорите за членство“, рече Ахмети.
Тој истакна дека оценувањето за отворање на преговорите од страна на Европската Унија е успех на сите политички субјекти во Македонија, без разлика дали позиција или опозиција.
Еврокомесарот денес се состана и со премиерот Зоран Заев.