Ivana Ramadanova
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - На крајот на денешните средби со македонските политичари, претставници на граѓанскиот сектор и со специјалната обвинителка Катица Јанева, еврокомесарот Јоханес Хан одржа прес-конференција на која истакна дека изборите што треба да се одржат се важни, но дека не се и најважни, јавува Anadolu Agency (AA).
„Изборите претставуваат темелник за враќање на земјата на евроатлантскиот пат, но потребно е и да се работи на реформите во спроведувањето на препораките од извештајот на Прибе. Важно е изборите да се подготват и да се спроведат на начин на кој потоа никој нема да има простор да критикува. Јас разговарав со сите лидери на политичките партии и за Специјалното јавно обвинителство, и побарав на ова обвинителство да му се овозможи да си ја врши работата на начин како што јавните обвинителства во Европа си ја вршат работата, како и да се почитува владеењето на правото“, изјави еврокомесарот Јоханес Хан.
Во однос на медиумите, Хан истакна дека пред изборите има одреден напредок, потенцирајќи дека во овој период има напредок во непристрасноста и неутралноста
„Медиумите би требало да имаат можност да ја одиграат својата улога на независен и професионален начин. Од особено значење е тоа што државата може и ќе ја работи својата работа како што тоа го правеше во минатото. Политичката нестабилност што трае веќе две години не беше добра за земјата, бидејќи таа се рефлектира врз економијата, и затоа од особено значење е да се фокусираме на тоа што е потребно, а тоа значи дека треба да се работи за доброто на граѓаните“, истакна Хан.
Хан на крајот нагласи дека во однос на условите за одржување на изборите, постои напредок во прочистувањето на избирачкиот список, но рече дека постојат уште многу точки што треба да бидат исполнети.
Еврокомесарот Јоханес Хан во текот денешната посета на Скопје во пресрет на предвремените парламентарни избори, имаше средби со премиерот Емил Димитриев, со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, како и со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и со претставници на граѓанскиот сектор.