Admir Fazlagic
20 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и дел од челниците на оваа партија вечерва протестираа пред истражниот затвор во скопската општина Шуто Оризари поради приведувањето за настаните во Собранието на 27 април оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Стотина поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателот на оваа политичка партија Никола Груевски и вечерва протестираа пред истражниот затвор во Шуто Оризари барајќи, како што велат, правда за неправедно притворените.
На протестот, меѓу другите се обрати лидерот на оваа партија, Никола Груевски кој порача дека притворените лица во врска со настаните од 27 април во Собранието на Република Македонија треба да бидат ослободени бидејќи тие не се виновни за делата за коишто се товарат.
Собраните граѓани порачаа дека и понатаму ќе протестираат во знак на поддршка на притворените лица се додека истите не бидат ослободени.
Исто така, ВМРО-ДПМНЕ, денеска попладне блокираше четири раскрсници во централното градско подрачје, на тој начин изразувајќи револт поради приведувањата за настаните од 27 април оваа година.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во текот на месец новември донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против триесет и шест лица поради основано сомнение за сторено кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста"
Кривичниот суд на 5. декември одреди мерка притвор за шест пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, за тројца од нив мерка притвор од 30 дена, додека за другите тројца судот одреди куќен притвор.
По приведувањата следуваа протетисте на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се бара нивно ослободување.
Потсетуваме, вечерта на 27 април оваа година, по избирањето на Талат Џафери за претседател на Собранието, демонстрантите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои беа собрани пред зградата на Законодавниот дом, насилно влегоа во оваа институција. Како резултат на насилството на демонстрантите, беа повредени околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и претставници на медиумите.