Admir Fazlagikj
21 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов денеска го честиташе Денот на образование на турски јазик - 21 декември, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во својата порака, претседателот Иванов упати честитки на сите припадници на турската етничка заедница.
„Еден од основните предуслови за зачувување и негување на својата традиција е можноста за образување и творење на мајчин јазик. Во Република Македонија живеат различни народи кои имаат свои јазични и културни обележја. Македонија е земја која знае да ги цени и вреднува истите", вели Иванов.
Наведува дека одбележувањето на овој празник е симбол на почитта на Македонија кон турскиот народ, култура и идентитет.
„Живеејќи заедно, почитувајќи ги овие културни различности, сите ние придонесуваме за зајакнување на општеството и градење на подобар живот за сите", истакнува претседателот Иванов.
- „Турција е долгогодишен пријател и стратешки партнер на Македонија"
Меѓу другото, во честитката се посетува дека Република Турција е долгогодишен пријател и стратешки партнер на Република Македонија.
„Ова е влог и во односите со Република Турција, која е долгогодишен пријател и стратешки партнер со Република Македонија, за што говорат големиот број на средби и реализирани проекти. Ние и понатаму, со заеднички напори ќе продолжиме да работиме за доброто на сите граѓани во Република Македонија, сè со цел да овозможиме континуиран и уште поголем напредок. Само така ќе успееме да изградиме подобра Македонија за сите", се истакнува во честитката на претседателот Иванов.
Инаку, по повод 21 декември - Денот на образование на турски јазик, претседателот Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, вчера приреди прием во претседателската резиденција во Скопје, на кој присуствуваа бројни ученици и наставници од различни градови во земјата кои имаат настава на турски јазик.