Admir Fazlagic
22 Септември 2016•Ажурирај: 23 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје се одржа економскиот форум „Парите од иселениците се важни за социјалниот развој на Западниот Балкан“, во организација на Институтот за економско истражување и политики – Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Според истражувањето на учесниците на денешниот економски форум, Македонија добива најмалку 400 милиони долари во форма на готовински дознаки, годишно, што претставува околу 4% од бруто домашниот производ (БДП). Просечниот износ на примени дознаки по семејство изнесува 12.903 денари месечно, односно нешто повеќе од 200 евра, додека учеството на дознаките во потрошувачката е повеќе од половина.
Благица Петрески, главен економист и извршен директор на „Фајнанс тинк – Скопје (Finance Think), која го спроведува истражувањето, вели дека во просек семејствата што примаат дознаки добиваат по 2.500 евра во текот на годината, меѓутоа она што е значајно е дека дознаките ја имаат улогата на неформална социјална заштита на примателите на социјалните дознаки.
„Тоа го покажува фактот дека семејствата што примаат дознаки имаат помала веројатност да бидат сиромашни за 27 проценти. Тоа е главниот наод. Дознаките влијаат преку паричниот индикатор, односно намалувањето на сиромаштијата е најзначајниот индикатор којшто ја намалува ранливоста на примателите на дознаки“, рече Петрески.
„Главната препорака до носителите на политиките е дознаките да бидат врамени во една соодветна политика каде што ќе бидат посоодветно искористени и каде што ќе ја намалат и на формален начин оваа ранливост на примателите на дознаки“, додаде Петрески.
Исто така, таа објасни дека ова е врз основа на истражувањето што е правено две години, кое се однесува на истражување за регионот. Податоците се однесуваат за Македонија, а се темелат на анкета што е направена во 2012 година.
„Според истражувањето“, рече Петрески, „дознаките во Македонија доаѓаат најчесто од високоразвиените земји, земјите од ЕУ, меѓутоа и од прекуокеанските земји, Америка и Австралија, каде што живеат македонски иселеници“.
„Во компарација со регионот“, потсети таа, Македонија бележи некое средно ниво на примање на дознаки, а највисок износ на дознаки прима Косово, не соопштувајќи конкретно за колкав апсолутен износ станува збор.
Учесник на денешниот форум беше Марко Владисављевиќ од Фондацијата за развој на економската наука од Белград. Тој рече дека во Србија дознаките изнесуваат 8,5 отсто од БДП во оваа земја.
„Во Србија дознаките изнесуваат 8,5 отсто од БДП, што е повеќе од Македонија. Тој процент е поголем отколку учеството на странските директни инвестиции и она што нашите резултати го покажуваат е дека тие пари се употребуваат за некои најосновни потреби како што се храна, плаќање сметки и слично“, изјави Владисављевиќ.
Тој смета дека освен за покривањето на основните дознаки, слаба е можноста средствата од дознаките да се потрошат за нешто друго, но сепак, како што вели тој, може да се започнат програми.
„Слаба е можноста да се употребат за друго, но може да се започнат програми за основање на микропретпријатија или употребување на тие дознаки за некои програми за вработување или самовработување“, рече тој.
Говорејќи за важноста на дознаките за животниот стандард, тој рече дека дознаките ја намалуваат сиромаштијата.
„Дознаките значително влијаат на животниот станддард и да не се дознаките, домаќинствата би биле во многу полоша ситуација отколу сега“, смета Владисављевиќ.
Камалбек Каримшаков од универзитетот Манас, од киргистанскиот град Бишкек, беше еден од говорниците на форумот. Тој рече дека земјите од централна Азија, како што е Киргистан, и балканските земји имааат слични тенденции во поглед на миграциите, како и дека Киргистан е водечка земја според дознаките по жител.
„Според последниот извештај на Светската банка, 30 отсто од БДП по жител се од дознаките“, изјави Карамшаков, кој додаде дека една од главните цели на владата на Киргистан е дознаките поефективно да се употребат.
Заклучокот од денешниот форум е дека дознаките во Македонија, како и во земјите од регионот, играат голема социјална улога за домаќинствата што ги примаат, намалувајќи ја инциденцата за сиромаштијата и ранливоста.