Турција, економија

„Туркиш ерлајнс“ на 18 јуни продолжува со меѓународните летови

„По прекин од два месеца, нашата компанија се подготвува за нова ера во координација со националните и меѓународните власти“

Gökhan Ergöçün  | 02.06.2020 - Обновена : 03.06.2020
„Туркиш ерлајнс“ на 18 јуни продолжува со меѓународните летови

ИСТАНБУЛ (АА) - „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) ќе продолжи со меѓународните летови кон шест европски земји на 18 јуни, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Продолжуваат летовите кон Германија, Швајцарија, Австрија, Холандија, Данска и Шведска, според денешното соопштение на турскиот национален авиопревозник.

„По прекин од два месеца, нашата компанија се подготвува за нова ера во координација со националните и меѓународните власти“, се вели во соопштението.

Летовите беа прекинати на 28 март, поради мерките воведени во борбата против пандемијата на коронавирусот низ светот.

Летовите ќе поврзат 16 европски градови со 14 турски градови.

Авиопревозникот ќе лета кон Минхен, Берлин, Франкфурт, Штутгарт, Дизелдорф, Хамбург, Келн и Хановер во Германија; Цирих, Женева и Базел во Швајцарија; Виена и Салцбург во Австрија; Амстердам во Холандија; Копенхаген во Данска; Стокхолм во Шведска, поврзувајќи ги со турските градови Анталија, Анкара, Газиантеп, Адана, Дијарбакир, Орду-Гиресун, Елазиг, Самсун, Хатај, Кајсери, Трабзон, Измир, Коња, Мугла (Бодрум-Даламан).

„Туркиш ерлајнс“ летово ќе започне и пет нови линии: Базел-Газиантеп, Хановер-Дијарбакир, Салцбург-Орду/Гиресун, Франкфурт-Елазиг и Амстердам-Кајсери.

Авиокомпанијата претходно објави дека ќе ги продолжи домашните летови на 4 јуни.

Коронавирусот, што за првпат се појави во Кина минатиот декември, се рашири во речиси 200 земји и региони низ целиот свет, нанесувајќи му сериозен удар на воздушниот сообраќај на глобално ниво.

Вирусот ги зеде животите на над 375.000 луѓе во светот, бројот на заразени достигна речиси 6,3 милиони, а околу 2,7 милиони луѓе се излекуваа од вирусот, покажуваат последните податоци на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.

Во Турција, од вирусот досега заразени се 164.769 лица, починаа 4.563 лица, а дневниот број на заразени и смртни случаи е во надолен тренд. Големо мнозинство од заразените го победија вирусот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.