Handan Kazancı
02 Јуни 2020•Ажурирај: 03 Јуни 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Националните музеи во Истанбул, вклучувајќи ги познатите Палатата „Долмабахче“ и Палатата „Бејлербеји“, кои беа привремено затворени на 18 март во рамки на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, денес се повторно отворени за јавноста, јавува Агенција Анадолија (АА).
Палатата „Топкапи“ во Истанбул, која служеше како главна резиденција и административно седиште на отоманските султани, исто така, од вчера почна да прима посетители, а се отворија и другите музеи и археолошки локалитети низ цела Турција.
Од страна на надлежните преземени се неколку заштитни мерки како дел од процесот на нормализација.
Социјалното дистанцирање е задолжително со поставени предупредувања за контрола на физичката дистанца при посетите, како и местата за чекање, како што се билетарниците, но и градините.

На посетителите им се проверува телесната температура при влезот, а персоналот на националните палати им обезбедува маски на оние што немаат.
Персоналот на националните палати што има директен контакт со посетителите ќе користи заштитна опрема.
Ќе се врши секојдневна дезинфекција на надворешниот и внатрешниот простор.
Во меѓувреме, во Турција продолжија со сообраќање домашните летови и меѓуградските патувања, а рестораните започнаа да примаат гости.
Намалувањето на дневниот број на смртни случаи, порастот на бројот на оздравени и помалиот број на новозаразени го отворија патот за релаксирање на мерките во земјата.
Во Турција досега има вкупно 164.769 потврдени случаи на вирусот, 128.947 излекувани лица и 4.563 смртни случаи.