Sefa Mutlu
05 Април 2017•Ажурирај: 05 Април 2017
МОГАДИШУ (АА) - Со авион на „Туркиш ерлајнс“, во главниот град на Сомалија, Могадишу, доставена е храна за бебиња во количина од 65 тони, а станува збор за хуманитарна помош организирана преку кампања на социјалните мрежи, јавува Anadolu Agency (AA).
Сомалија се соочува со една од најтешките суши во својата историја и повеќе од половина од популацијата во таа земја зависи од хуманитарна помош.
Жером Жар и неговите петмина пријатели кои имаат повеќе од милион следбеници на „Твитер“ и на „Јутјуб“, започнаа хуманитарна кампања #TurkishAirlinesHelpSomalia и #Lovearmyforsomalia. Турската авиокомпанија се вклучи во кампањата со пораката: „Примивме повик за пат за љубов и помош“.
Кампањата ја поддржаа и голем број холивудски ѕвезди, како Бен Стилер, и на тој начин кампањата допре до повеќе од две милијарди луѓе во сите делови на светот.
Првобитно беше планирано за десет дена да се соберат милион долари помош, а со ширење на кампањата на социјалните мрежи, таа помош е собрана во првите 22 часа. Донациии испратија 16.000 лица од 104 земји во светот. Петнаесет дена по почетокот на кампањата, бројот на донаторите се зголеми на 80.000 од 128 земји, а собрани се 2,4 милиони долари.
„Туркиш ерлајнс“ соопшти дека во наредните шест месеци во Сомалија ќе се пренесат вкупно 200 тони хуманитарна помош.
Првиот контингент од таа помош во вид на 65 тони високопротеинска храна за бебињата слета на Меѓународниот аеродром „Аден Аде“ во Могадишу, а донесена е со транспортен авион на „Туркиш ерлајнс“.
Транспортниот „ербас A330-200F“ е дочекан со големо воодушевување во главниот сомалиски град, а на дочекот на аеродромот присуствуваа и министрите на оваа земја.
Турскиот амбасадор во Сомалија, Олган Бекар, во таа пригода истакна дека тоа е многу важен хуманитарен проект за на светот да му се испрати порака дека не смее да биде пасивен во врска со кризата што во Сомалија е предизвикана од сушата.
„Задоволен сум што ‘Туркиш ерлајнс’ е дел од оваа кампања и достави помош. Таа авиокомпанија уште од 2012 година има редовни летови од Могадишу и на тој начин претставува врска на народот на Сомалија со остатокот на светот“, изјави Бекар и додаде дека Турција и понатаму ќе помага на пријателскиот сомалиски народ.
Официјалната претставничка на „Туркиш ерлајнс“, Седа Кајлонџу, изрази задоволство од учеството во проектот за собирање и доставување помош до Сомалија. Таа додаде дека „Туркиш ерлајнс“ е светска компанија со најмногу редовни летови во Африка, и тоа на вкупно 51 дестинација од тој контитент.