Bekim Laci
03 Ноември 2017•Ажурирај: 04 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Ограничениот број на работни места во јавната администрација ја наметнува потребата од вработување на младите луѓе во приватниот сектор, што беше тема на форумот организиран од Фондацијата „Претприемачки сервис за млади“, на тема „Заедно за успех: млади претприемачи, движечка сила за добри меѓуетнички односи“, и Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), јавува Anadolu Agency (AA).
Александар Филиповски од фондацијата „Претприемачки сервис за млади“, исто така проектен менаџер, рече дека неговата цел е да се изгради мултикултурна и одржлива демократија во земјата, преку претставување на претприемништвото како врска меѓу етничките заедници во земјата.
„Се работи на идентификување на потребите, односно кои се сличностите и карактеристите што ги идентификуваат претприемачите од различните етнички заедници, сѐ со цел мерките за самовработување да бидат подобро приспособени кон нивните потреби. За таа цел, ние вклучуваме различни стеихолдери, релевантни министерства, агенции и невладини организации, како и самите млади претприемачи кои треба да го дадат импутот, како мерките, проектите и иницијативите за нивна поддршка да бидат подобро дефинирани“, рече Филиповски.
Џелал Хоџиќ, замиеник директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ), изјави дека трендот на младите луѓе да се вработат во јавниот сектор е негативен момент во општеството, што повеќе се гледа на етничките заедници под 20 проценти, а денешниот настан, рече тој, претставува обид да се промовираат мерките за самовработување на младите, кои имаат потреба од промоција.
Според него, на ваквата појава влијаат повеќе фактори, а како една од причините се и културните разлики меѓу луѓето, но и различните проблеми и потреби на луѓето коишто живеат во урбаните и руралните средини.
На почетокот од форумот беше претставено детално истражување, прво од ваков вид, како надеж за успешна претприемачка иднина. Од анкетираните млади претприемачи, 61,2 проценти изјавиле дека имале соработка со претприемач од друга заедница, а 95 проценти од нив се изразија позитивно околу ова искуство.
На форумот, кој ќе трае во текот на денот, присуствуваат претставници на Министерството за економија, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, Агенцијата за поддршка на претприемништвото на РМ, Секретаријатот за имплементација на Охридскиот рамковен договор, Програмата за развој на ОН, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) и ОБСЕ во Македонија.