Ivana Ramadanova
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Димитар Богов, денеска одржа прес-конференција во врска со редовната ревизија на макроекономските проекции, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој објасни дека Народната банка предвидува економски раст од 0,5 проценти за оваа година, што е надолна проекција споредено со онаа од април годинава, кога се предвидуваше пораст од 2,5 отсто, истакнувајќи дека ова се должи на негативните резултати од првиот квартал, но и на продолжувањето на трендот заклучно со третиот квартал, односно на падот на индустриското производство и на градежништвото.
„Ризиците при оваа рунда на проекции се намалени во однос на априлскиот циклус проекции. Клучно е стабилизирањето на домашниот политички амбиент во наредната година, продолжување на приливот на странските инвестиции во производни, извозно ориентирани капацитети и натамошно зголемување на извозот, враќање на довербата на приватниот сектор, со што тие повторно би почнале да инвестираат, и зголемена доверба на потрошувачите, со што личната потрошувачка би растела побрзо од она што растеше оваа и во претходната година. Фундаментите на македонската економија сѐ уште се стабилни, и тука не очекуваме некое нарушување. Движењата во екстерниот сектор се исклучително стабилни во овој момент, така очекуваме да останат и во наредниот двегодишен период, со ниски дефицити во платниот биланс, и сето тоа да овозможи стабилен амбиент за монетарната политика“, истакна гувернерот Богов.
Тој смета дека четвртиот квартал ќе биде со подобри економски показатели и ќе извлече пораст на економијата од 0,5 проценти, појаснувајќи дека со зголемувањето на довербата кај домашните субјекти, ќе се зголеми и личната потрошувачка.
НБРМ, како што рече Богов, ќе продолжи внимателно да ги следи движењата и доколку е потребно, ќе направи соодветни промени во монетарната политика.