Admir Fazlagic
15 Септември 2016•Ажурирај: 16 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Специјалното јавно обвинителство денеска до Основниот суд Скопје 1 поднесе два обвинителни предлога поврзани со кривични дела што произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителката Фатиме Фетаи образложи дека првиот случај се однесува на уништување документи набавени со незаконско прислушување, кое како што рече, го извршиле вработени во Петтата управа на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.
Според неа, уништени биле 2.047 службени списи. По устен налог на првообвинетиот, вработен во Петтата управа, незаконски била формирана комисија којашто донела одлука да се уништат списите за работењето на системите за следење на комуникациите. Документите, како што рече Фетаи, се уништени незаконски, односно биле запалени на локација што ја посочил првообвинетиот.
Во овој случај, подигнато е обвинение против вкупно седум лица. Фетаи тврди дека имаат доволно докази и сведоци што ќе го поткрепат обвинението и очекува Судот да го прифати.
Вториот случај за кој е поднесен предлог за подигање обвинение произлегува од прислушуван разговор воден меѓу високи носители на извршната власт, вечерта на 1.6.2013 година. Разговорот, посочи Фетаи, бил воден откако била закажана седница на Советот на општина Центар, на која требало да бидат поништени неколку детални планови, меѓу кои и за Мал ринг. Од содржината на разговорот, според неа, произлегол кривично-правен епилог, односно е извршено грубо насилство врз градоначалникот и советничката група во општина Центар. Во овој случај, испитани биле 20-ина сведоци и прибавена е документација. Обвинението опфаќа вкупно 14 лица осомничени за кривично дело насилство, од кои пет поттикнувачи и девет извршители.
- СЈО досега отвори пет истраги
Главната обвинителка Катица Јанева на денешната прес-конференција, на која беше презентиран шестмесечниот извештај за работата на СЈО, апелира Собранието да го прифати нивниот предлог за измена на Законот за заштита на сведоци, со што според неа, многу ќе се олеснат истрагите и процесирањето на предметите што произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори.
Јанева рече дека СЈО ќе продолжи со истрагите со цел да се утврди, како што наведе, кој во периодот од 2008 до 2015 година извршил кривични дела поврзани со незаконското прислушување, како и тоа кој го вршел прислушувањето. Јанева истакна дека е подготвена да го презентира шестмесечниот извештај пред Собранието на РМ и пред Советот на јавни обвинители.
Откако беше формирано, СЈО за една година отвори пет истраги: „Титаник“, „Тортура“, „Тврдина“, „ТНТ“ и „Транспортер“. Случајот „Титаник“ се однесува на изборни манипулации, „Тортура“ за апсењето на лидерот на партијата на Обединети за Македонија, додека случајот „Тврдина“ се однесува на неовластено прислушување. Петтиот случај „ТНТ“ се однесува на уривање на градежниот комплекс „Космос“ во Скопје.
Во наведените случаи, осомничени се високи државни функционери, како поранешни министри, пратеници и градоначалници.