Besar Ademi
16 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
СКОПЈЕ (AA) - Министерот за економија на Република Македонија, Дритон Кучи, и министерката за трговија и индустрија на Косово, Хикмете Бајрами, по средбата во Скопје на темата интензивирање на трговската размена, економската соработка и во врска со областа на инвестициите, заеднички заклучија дека приспособувањето на граничниот премин Јажинце за царинење на стоката ќе биде олеснување за двете земји и една од точките што ќе придонесат во развојот на соработката меѓу двете земји. Тие зборуваа и за инвестиции во слободните економски зони, особено во Тетово, јавува Аnadolu Agency (AA).
Министерот за економија, Дритон Кучи рече дека во 2015 година, Македонија ја посетиле 1 милион 329 илјади граѓани од Косово, додека 788 илјади граѓани на Македонија го посетиле Косово. Тој додаде дека во истиот период од Косово во Македонија влегле 69.573 камиони, додека од Македонија во Косово влегле 71.253 камиони со разна стока.
„Би сакал денешната средба да придонесе во продлабочувањето на соработката меѓу двете земји, со оглед на фактот што Косово е многу значаен економски и трговски партнер на Македонија, со кој имаме огромна трговската размена“, рече Кучи.
Тој најави дека соработката меѓу двете земји се темели на 28-те договори потпишани меѓу двете земји, додека по применувањето на договорот ЦЕФТА (Договорот за слободна трговија во Централна Европа) од 1 јануари 2008 година, додаде тој, вкупната трговија меѓу двете земји се развива слободно и без царина благодарение на 100-отстотната либерализација на трговијата.
Од друга страна, и министерката Бајрами нагласи дека иако меѓу двете земји постои добра трговска соработка, се разговара за интензивирање на соработката бидејќи постои простор за подобрување. Таа додаде дека двете земји имаат добри трговски односи и непречено движење, додека пречките што се појавуваат, овие две земји ги подобруваат преку механизмите на ЦЕФТА, со институционална соработка, но и преку директна комуникација.
„Дојдов тука за да побарам да се интензивира економската соработка и да го известам министерот Кучи околу тоа што сме го направиле ние како косовска Влада во однос на подобрувањето на бизнис-климата. Сметаме дека нашите заеднички стратегии за подобрување на бизнис-климата ќе влијаат позитивно врз двете земји во однос на странски инвеститори и во однос на привлекувањето на овие инвестиции“, рече Бајрами.
На средбата присуствуваше и претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, и претседателот на Косовската стопанска комора, Сафет Герцалиу, кои изјавија дека пречка за понатамошно подобрување на соработката меѓу двете земји е патната инфраструктура, која мора да е понапредна за движењето на трговската размена да биде полесно.
Министерот Кучи изрази благодарност до Владата на Република Косово за понудената помош со специјализирани луѓе и машини по неодамнешните поплави во градот и во околината на Скопје. Од друга страна, министерката Хикмете Бајрами истакна дека целата Влада на Косово се мобилизирала за да помогне колку што може во санирањето на материјалните загуби на семејствата погодени од поплавите.
„Ние како Влада и како граѓани и бизнис заедница на Косово сме подготвени да им помогнеме на сите оштетени населби со цел да бидеме барем малку блиску до вас, бидејќи вие не сте само наши соседи, туку и партнери. Исто така, имаме голем долг кој треба да го исчистиме. Ние се сеќаваме на војната во 1999 година и на големото гостопримство што овие семејства ни го понудија кога имавме потреба“, рече Бајрами.