Husamedin Gina
24 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, осврнувајќи се на руската воена интервенција на Украина, истакна дека колку и да се чини дека Украина географски е далеку од нас, последиците се далекосежни, особено од економски аспект, јавува Агенција Анадолија (АА)
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска одржа средба со претставниците на медиумите на која информира за тековните и идните активности на Собранието, а исто така, одговори и на новинарски прашања.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа како руската воена интервенција на Украина ќе се одрази на нашата држава, Џафери рече дека ќе има соодветни влијанија и врз регионот и пошироко во светот.
„Значи, не е далеку оттука. Украина, колку и да се чини дека географски е далеку, не е далеку бидејќи последиците се далекосежни и многузначни, значи, не само од воен и географски аспект, туку особено од економски аспект. Секако дека ќе има соодветни влијанија и врз регионот и пошироко во светот“, нагласи претседателот на Собранието, Џафери.
Истакнувајќи дека остануваат да ја следат ситуацијата, Џафери рече дека тој како претседател на Собранието, смета дека Собранието и државата треба да стојат на страната на почитување на суверенитетот и интегритетот на меѓународниот субјект, членката на ОН, т.е. конкретно на Украина.
Меѓу другото, на средбата беше презентиран и Извештајот за активностите на претседателот на Собранието, Талат Џафери во 2021 година.
Според Извештајот, Џафери во текот на изминатата година имал вкупно 63 билатерални и 63 мултилатерални активности, 152 други активности, 60 координации. 9 претседателства и 123 седници.