Admir Fazlagic
17 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, приреди прием во чест на премиерката на Обединето Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопштија од Собранието на Република Македонија, Џафери во своето обраќање рече дека имаат несебична помош од меѓународни пријатели, Проектот Вилтон Парк за градење на ефикасен и независен парламент е реализиран со поддршка на Владата на Обединетото Кралство и Фондацијата Вестминстер и таму, и власта и опозицијата, дадоа свој несебичен придонес.
„Посветени сме на враќање на вистинската улога на законодавниот дом и се чини дека конечно сме на вистинскиот пат, судејќи по тоа што неодамна добиениот Извештај за напредокот на Република Македонија од Европската комисија беше позитивен и безусловен. Ќе продолжиме на тој пат, за нашите граѓани, нашите деца, идните генерации, Република Македонија и сите кои споделуваме европски вредности и стандарди", рече Џафери.
Во своето обраќање премиерката Меј истакна дека е искрено почестена од приемот што претседателот Џафери го организира во нејзина чест и подвлече дека најуспешните парламенти имаат две заеднички работи: првата, дека тоа се места каде граѓаните имаат слободен пристап до своите претставници и знаат каква работа се врши во нивно име; втората е дека Парламентите треба да бидат места каде пратениците се во позиција и се волни да ја предизвикаат Владата и другите јавни институции со прашања за нивните активности и политики.
„Знам дека изминатава година оваа зграда посведочи тешки времиња. Но свесна сум и за промените кои се случија оттогаш и за желбата за реформи во насока ова Собрание да ги исполни ваквите стандарди. Горда сум што Обединетото Кралство ги поддржува овие реформи преку нашите програми за финансирање. Кога владее демократијата, придобивките ги чувствуваме сите – посилно Собрание значи посилна Македонија“, истакна Меј.
Претходно, британската премиерка се состана со премиерот на Република Македонија Зоран Заев.