Ekip
20 Јули 2016•Ажурирај: 21 Јули 2016
ЛОНДОН (АА) - Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, денес во Берлин ќе се состане со германската канцеларка Ангела Меркел, која, како што наведуваат британските медиуми, ќе ја предупреди дека на нејзината земја ѝ потребно време за да се подготви за излез од ЕУ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тоа ќе биде прва посета во странство на британската премиерка, која утре ќе отпатува и во Париз, каде што ќе одржи состанок со францускиот претседател Франсоа Оланд, а за време на двата состанока, фокусот ќе биде на одржувањето добри односи по референдумското гласање за излез на земјата од ЕУ, соопштено е од британската Влада.
Британските медиуми, повикувајќи на изворите од кабинетот на премиерката, наведуваат дека Меј и Меркел вечер ќе одржат деловна вечера во текот на која ќе дискутираат за излезот на Велика Британија од ЕУ, за трговските односи меѓу двете земји, мигрантската криза и за борбата против тероризмот.
Овие извори наведуваат дека Меј ќе настојува да развие блиски односи со Меркел и со Оланд за да го отвори патот со искрени и отворени разговори и дека лидерите на Германија и Франција ќе ги предупреди дека на Велика Британија ѝ е потребно време за да се консултира со Шкотска, Велс и со Северна Ирска пред формално да започнат преговорите за излез од ЕУ.
Британските владини адвокати на судиите од Врховниот суд вчера потврдија дека Тереза Меј не планира да го активира членот 50 од Лисабонскиот договор до крајот на годината.
Меј, која инаку се залагаше за останување на Велика Британија во ЕУ, вчера го свика првиот состанок во полн состав на кабинетот, седум дека откако е одржан последниот состанок на кабинетот предводен од Дејвид Камерон. За време на состанокот, Меј изјави дека на членовите на нејзиниот кабинет останува да сторат сѐ за излезот на Велика Британија од Унијата да биде успешен за таа земја.