Dzihat Aliju
18 Мај 2018•Ажурирај: 19 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје денеска под паролата „Ерусалим е на Палестина“, се одржа протестот за поддршка на Ерусалим (Кудс) и Палестинците, јавува Anadolu Agency (AA).
По петочната молитва, во Старата скопска чаршија, пред Мурат-пашината џамија се собраа скопјани со транспаренти во рацете на кои пишуваше „Ерусалим е на Палестина“, во знак на поддршка на овој град и Палестина.
Протестот е организиран од студенти Турци, Албанци и Бошњаци во Македонија.
Студентите на протестот го прочитаа своето соопштение на турски, албански и на босански јазик, во кое се искажува најостра осуда на преместувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс), и се истакнува дека таквата одлука ги прекршува Меѓународното право и одлуките на Обединетите нации.
Ваквиот чекор претставува непочитување на легитимните права на палестинскиот народ, и тој нема да донесе мир, безбедност и стабилност во регионот.
„Со Резолуцијата за Кудс која е донесена во Советот за безбедност на ОН, и е поддржана од страна на мнозинството, земјите членки ја осудија Одлуката на Америка. Исто така, сите протести и демонстрации низ светот покажаа дека чекорот кој го направија САД е одбиен од страна на меѓународната заедница. Ставот на Европската Унија (ЕУ) околу ова прашање е јасен, оваа одлука на отворен начин е осудена од страна на светската јавност“, се вели во соопштението.
Во соопштението се потсетува дека Израел во изминатие денови употреби несразмерна сила врз протестантите по должината на границата на Појасот Газа и Израел.
„Израел, кој се охрабрува од овој чекор, со непропорционалните напади во изминатите денови беше причина за смртта на 62 лица, од кои едно бебе, а повредени се над 2.500 Палестинци. Израел јасно покажа дека насилството и теророт го претвориле во политика“, се наведува во соопштението.
„Палестинскиот народ на легален начин одржува протести, а интервенцијата на израелските сили е масакр. Палестинските цивили не исфрлаат ракети и бомби. Тука постои државен тероризам. Она што се изврши тука не е интервенција, туку масакр. Она што се случи во Кудс веќе не е регионален проблем, туку проблем на човештвото, тоа е еден масакр“, се истакнува во соопштението.
За ставот на САД за префрлањето на Амбасадата во Ерусалим и рефлексијата од таквата одлука врз мировниот процес, во соопштението се вели: „Инсистирајќи на овој став, администрацијата на САД и Израел ги уништија човечките вредности и основата на решението на најглавниот проблем на Среден Исток. Оваа одлука и нападите ги оштетија сите добри намери и напори покажани во текот на мировниот процес и на сериозен начин ја уништија можноста за мир и стабилност.“
По прочитаното соопштение, се одржа молитва за загинатите Палестинци.
Потсетуваме, илјадници Палестинци се собраа во понеделникот на границата на Газа за да протестираат поради израелската окупација и преселувањето на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
Израелските безбедносни сили со употреба на сила и огнено оружје се обидоа да ги спречат протестите кои продолжија и во вторникот.
Во реакциите кои стасуваат од светот, меѓу другото, наведено е дека прекумерната сила е недозволена во случај на мирни протести, какви што организираа Палестинците на 70-годишнината од Накба, по повод масовниот прогон на овој народ.