Ivana Ramadanova
18 Мај 2018•Ажурирај: 18 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите, по повод Меѓународниот ден на музеите, ги додели годишните награди, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на МНК ИКОМ, Маја Чанкуловска-Михајловска, истакна дека станува збор за четири категории од наградата „18 мај - Меѓународен ден на музеите“, којашто традиционално се доделува по десетти пат.
„Станува збор за категориите „Музеј на годината“, „Музејски проект на годината“, „Музејски работник на годината“ и „Надворешен музејски соработник“.
Во категоријата „Музеј на годината“ оваа година наградата ја доби ЕВН Македонија за поставката „Хидроцентралата Матка“, односно за првиот Технички музеј, наградата „Проект на годината“ ја делат Националната галерија на Македонија со проектот „90 години од раѓањето на Петар Мазев“ и Музејот од Куманово со проектот за Кокино, наградата „Најдобар музејски работник“ ја доби Рубинчо Белчевски од Националната установа „Завод и музеј“ - Прилеп, додека наградата за надворешен соработник ја доби Валентина Тодоровска“, истакна Чанкуловска-Михајловска.
Влезот во Музејот на Македонија денеска ќе биде бесплатен за посетителите, на кои ќе им биде подарена публикација. Во рамки на „Европската ноќ на музеите во Република Македонија“, Музејот на Македонија утре ќе биде отворен од 19:00 до 01:00 часот по полноќ, а од 21:00 часот утревечер концерт ќе одржи групата „Next to Silence“.
Светскиот ден на музеите традиционално се одбележува на 18 мај од 1977 година, со цел да се подигне свеста за важноста на музеите и за културното наследство во развојот на едно општество. Утврден е од Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ (ICOM – International Council Of Museums), кој е формиран во 1946 година.