Amina Zorniç
09 Јануари 2017•Ажурирај: 09 Јануари 2017
ЛОС АНЏЕЛЕС (AA) - Мјузиклот „Ла ла ленд“ освои седум награди на церемонијата за доделување Златен глобус, јавува Anadolu Agency (AA).
На вчерашната манифестација во Лос Анџелес, мјузиклот на режисерот Демиен Шезел освои седум награди поставувајќи рекорд во доделените награди Златен глобус за еден филм.
„Ла ла ленд“ е добитник на наградата за најдобра комедија, најдобро сценарио, најдобар режисер, најдобра музика и најдобра оргинална песна, а главните глумци во филмот, Ема Стоун и Рајан Гослинг се наградени со награда за најдобра актерка и најдобар актер.
Наградите во категоријата за најдобар филм на странски јазик и анимиран филм ги освоија филмовите „Ел“ и „Зоотопија“.
За најдобар актер во драма е прогласен Кејси Афлек, за филмот „Манчестер крај морето“, а наградата за најдобра актерка во драма ја доби Изабел Хуперт за улогата во филмот „Ел“.
Доделени се и наградите за најдобра драмска серија („Круна“), хумористичен серијал („Атланта“), мини-серија („Народот против О-Џеј Симпсон: Американска крими приказна“), најдобар актер во комедија (Доналд Гловер), најдобра актерка во комедија (Трејси Елис Рос), најдобар актер во мини-серија (Том Хидлстон), најдобра актерка во мини-серија (Сара Паулсон), најдобар спореден актер (Хју Лори) и најдобра споредна актерка (Оливија Колман).
Осумкратната добитничка на златен глобус, американската актерка Мерил Стрип ја доби наградата за животно дело „Сесил Б. Демил“.
Златниот глобус се доделува од 1944. година, во областа на филмот и телевизијата, и се смета за втора најзначајна филмска награда, по Оскарот. Повеќето критичари сметаат дека Златниот глобус е најдобар показател кои филмови и актери ќе бидат наградени.