Muhammet Emin Horuz
19 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Одборот за надворешни економски односи на Република Турција, Наил Олпак, изјави дека бројот на вработени во земјата во екот на пандемијата на Ковид-19 паднал на 27 милиони, но дека повторно се зголемил на 29.855.000, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изминатиот викенд во Конгресниот центар „Лутфи Кирдар“ во Истанбул се одржа церемонијата на доделување на наградите за трговска дипломатија на Одборот за надворешни економски односи (ДЕИК). На церемонијата присуствуваше и турскиот министер за економија, Мехмет Муш, а беа доделени вкупно 12 награди за ефикасна работа во изминатата година во шест категории.
Претседателот на ДЕИК, Олпак, истакна дека наградите се доделуваат според објективни критериуми.
Укажувајќи на асиметрично брзото и бавното економско закрепнување на земјите од последиците на пандемијата на Ковид-19, Олпак рече дека Турција се наоѓа во првиот ред на државите чии дистрибутивни ланци и ланци на снабдување „не пукнале“ за време на пандемијата, и додаде дека тоа е изворот на моменталното задоволство и надеж за подобра иднина.
„И покрај ризиците од пандемијата и инфлацијата, се предвидува глобалната економија да се зголеми за 5 отсто во 2022 година, а надворешната трговија за 6,7 отсто. Тоа укажува на сериозните инвестициски и извозни потенцијали на нашата земја, која во 2021 година оствари раст на извозот од 33 отсто. Целта на нашите 147 деловни совети е да го искористиме тој потенцијал што е можно поефикасно“, рече Олпак.
Тој истакна дека на позитивните чекори во делот на буџетскиот дефицит и постојаниот раст на инвестициите, особено во областа на машинството, треба да се додадат и профитите од моделот на економски раст врз основа на извозот.
„Сведоци сме дека сето тоа имаше и позитивни ефекти врз вработувањето. Стапката на вработеност достигна 13,2 отсто во 2021 година, а потоа се намали на 10,9 отсто. Бројот на вработени во 2021 година падна на 27 милиони, за повторно да се зголеми на 29.855.000. Извозот следеше рекорд по рекорд, а годината ја завршивме со извоз од 225,4 милијарди долари. Сепак, поставивме нова цел, а тоа е 250 милијарди долари“, рече Олпак.
Нагласувајќи дека се потребни понатамошни чекори за продолжување на позитивните трендови, Олпак рече дека од секој деловен совет се очекува да го подобри извозот и трговијата и сите економски параметри во корист на Турција.
Тој додаде дека се поставени нови цели за турската трговска и економска соработка за сите региони во светот.
„Настаните во глобалната политика уште еднаш ја покажаа важноста од постоење на силна дијаспора на меѓународната сцена. Сметаме дека активностите на дијаспората, кои ќе ги спроведува граѓанска иницијатива како што е нашиот Светски турски деловен совет (ДТИК), се исто така многу важни“, рече Олпак.
Наградите на ДЕИК за трговска дипломатија беа доделени во шест категории, и тоа за организации и нивните лидери во секторот.
Наградите беа доделени во категориите „Спонзорство и управување со буџетот“, „Односи со членови и аквизиции“, „Видливост на медиумите“, „Односи со заинтересираните страни“, „Управување со процесите на извршните одбори“, „Остварување на цели“ и „Извонреден ефект“.
Наградени беа Деловниот совет Турција - САД, Деловниот совет Турција - Кувајт, Деловниот совет Турција - Ирак, Деловниот совет Турција - Црна Гора, Деловниот совет Турција - САД и Деловниот совет Турција - Нигерија. Во преостанатите три категории беа наградени Деловниот совет за енергија, Деловниот совет Турција - Финска, Деловниот совет Турција - Иран, Деловниот совет Турција - Хонгконг, Деловниот совет Турција - Азербејџан и Деловниот совет Турција - Романија.