Sinan Uslu
17 Ноември 2021•Ажурирај: 17 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател и лидер на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), Реџеп Таип Ердоган, изјави дека во последно време на нишан на некои кругови се нашла и турската економија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Откако заедно со нашиот народ на 15 јули ги затворивме валканите канали, овој пат директно е нападната нашата економија“, изјави Ердоган во обраќањето на клубот на пратеници на АК Партијата.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година. Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
„Доколку успееме без поголеми потешкотии и застој зад себе да ги оставиме 2022 и 2023 година, нѐ чека многу светла иднина“, изјави Ердоган, и додаде дека ќе се обиде да ги спаси граѓаните на Турција од опасноста на каматата.
„Ќе го спасиме нашиот народ од чумата наречена камата. Нека не се најдат навредени нашите пријатели кои ја бранат каматата, но јас не можам да бидам заедно со оние кои застануваат во одбрана на каматата на нашиот пат“, изјави Ердоган, и додаде:
„Зарем Централната банка не е независна? Нека одлучува самостојно“, изјави Ердоган.
Тој потсети дека Турција во текот на изминатите години остварила голем напредок и во областа на сондажни дупчења во морињата.
„На нашата флота за сондажни дупчења додадовме и четврт брод. Сѐ уште не сме му дале име. Се надеваме дека ќе претставува додатна сила“, изјави Ердоган.
Тој порача дека денешна Турција не е повеќе онаа, како што тој рече, старата Турција.
„Нашиот народ, со својата младина, жените и луѓето од сите општествени слоеви е свесен за сѐ што се случува. Можеме да се спротивставиме на овој товар. Не само што можеме да го носиме, туку да го собориме на тло и да го скршиме“, истакна Ердоган.
Тој, исто така, истакна дека многу развиени земји влегуваат во длабока економска криза.
„Развиените земји се на работ на најголемата економска криза по Втората светска војна. Очигледно е дека потоа ќе следуваат општествени и политички кризи“, изјави Ердоган.