Senada Ibraimova
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Претставништвото на УНХЦР – Скопје и Центарот за управување со кризи денес во галеријата на Кинотека на Македонија ја отворија изложбата на цртежи насловена „Бегство за подобро утре“ – дело на сириската двојка Шерго Муса и Назли Абду, создадено за време на престојот заедно со нивните деца во Прифатниот транзитен центар „Винојуг“, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на УНХЦР – Скопје, Мохамад Ариф, на отворањето на изложбата истакна дека со оваа изложба сакаат да покажат мал дел од богатите таленти и вештини што бегалците ги носат во другите држави кога бегаат од војната. Според него, бегалците со своето образование, вештините и разноликоста, можат да донесат вредно збогатување на работната сила во секое општество.
Ариф му се заблагодари на раководството на Центарот за управување со кризи, а особено упати благодарност до авторите на цртежите, Шерго и Назли, за кои рече дека пренесуваат една приказна за тоа низ што сѐ поминале и поминуваат на својот пат далеку од дома.
„Ова не се само слики, ова не се само цртежи, туку овие слики ја кажуваат приказната за тоа низ што сѐ поминале тие, низ што поминуваат и тешкотиите со кои се соочуваат овде. Секоја слика на ѕидот раскажува една епизода од една приказна за едно реално време, низ која поминало ова семејство и сите други семејства, и нивните страдања и тешкотии низ кои минале“, истакна Ариф.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, пак, во своето обраќање, меѓу другото порача дека треба со уметност, хуманизам и добрина да им се спротивставиме на ксенофобијата и на омразата, кои деновиве доминираат во вестите и во јавното мислење.
Според него, тоа е најдобриот начин да им се помогне на Шерго, Назли, нивното семејство и на сите бегалци од светот, да бидат безбедни и да се чувствуваат добредојдени во Македонија.
Кон присутните се обрати и Шерго Муса, кој им се заблагодари на сите што им помогнаа на овој нивен пат, како и во остварувањето на оваа изложба.
„Речиси една година престојуваме овде и навистина сме им благодарни на сите што ни помагаат во вакви услови, кога родителите се обидуваат да ги спасат своите деца. Навистина е потребна целата помош“, рече Муса.
Тој е татко на три деца, а заедно со својата сопруга Назли Абду ги нацртаа овие цртежи за време на престојот во прифатниот центар. Двојката низ цртежите ги покажува проблемите и маките со кои се соочува на својот пат кон подобро утре. Преку овој нивен пример е пренесена и болката на многу семејства – бегалци кои ги напуштаат своите домови во потрага по подобра иднина.
Изложбата ќе може да се посети до 25. јануари 2017, во Кинотека на Македонија, а посетителите ќе имаат можност доколку сакаат и да купат некој од цртежите.