Besar Ademi
27 Јули 2017•Ажурирај: 28 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на прес-конференција на којашто информираше околу работењето во изминатите 100 дена, изјави дека законодавниот дом во првите 100 дена одржал вкупно девет седници, од кои четири се целосно завршени, а пет се во процес на дебата, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната прес-конференција, во прилог на активностите по преземањето на функцијата претседател на законодавниот дом, Џафери се осврна и на идните задачи што се пред пратениците, а кои главно се однесуваат на исполнувањето на обврските на Парламентот, кои произлегуваат од планот 3-6-9 со којшто Владата се задолжи за спроведување на итните реформски приоритети.
Споменувајќи ги работните групи и координативните тела во Собранието, кои се веќе со полн состав и работат со полн капацитет, Џафери се осврна и на меѓународните состаноци.
„Донесени се пет нови закони. Одржани се вкупно 39 меѓународни настани, од кои 28 средби со овластени амбасадори резиденти и нерезиденти во Република Македонија, од соседните земји на Европската Унија, Азија, Медитеранот, како и со шефовите на делегации, претставништва и канцеларии во Македонија“, рече Џафери
Тој истакна дека во изминатите 100 дена се остварени две работни посети на Брисел и на Парламентарниот форум за безбедност во Латвија, и додаде дека првата негова посета како претседател на Собранието беше во Црна Гора, земја за која рече дека е стратешка определба на Македонија, како најнова членка на НАТО.
Спикерот на парламентот зборуваше и за планот 3-6-9, за чијашто имплементација, како што рече, Собранието дава целосна поддршка. Тој информираше дека во Собранието се формираат две работни групи за следење на процесот на спроведување на планот 3-6-9 на Владата.
Во врска со локалните избори, Џафери изјави: „За локалните избори можам да кажам дека ако сѐ оди според динамиката, моите очекувања се дека на 6 август ќе можам да ги распишам локалните избори, кои би требало да се одржат на 15 октомври“.
Потсетуваме, во четврток, на 27. април годинава, во хаотична атмосфера во Собранието, парламентарното мнозинство го избра пратеникот од ДУИ, Талат Џафери за претседател на Собранието. Потоа следуваа инциденти пред Собранието и внатре во Собранието, кога насилно во Собранието влегоа дел од собраните граѓани кои протестираа пред зградата на Собранието. Во настаните се повредени околу 100 луѓе, меѓу кои имаше пратеници, полиција и припадници на медиумите.