Dejan Maksimoviç
08 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
САРАЕВО (АА) - Панелот за Западен Балкан во склоп на Годишниот состанок на Одборот на гувернерите на Европската банка за обнова и развој (EBRD), на кој зборуваа лидерите на Албанија, Црна Гора, БиХ, Северна Македонија и Србија, донесе неколку интересни идеи, но говорниците претежно се сложија со констатацијата на Мило Ѓукановиќ, претседателот на Црна Гора, дека европеизацијата на регионот нема алтернатива, јавува Anadolu Agency (AA).
Ѓукановиќ нагласи дека е уверен оти е најважно да се зацврсти визијата за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија.
„Нашиот регион заостана историски и таа заостанатост створи нешто што е сериозен проблем и тоа, за жал, ја претставува репутацијата на нашиот регион, а тоа е помалку-повеќе континуирана нестабилност. За да излеземе од таа состојба и да дојдеме во ситуација како одговорна влада да одговориме на она што е очекување на нашите граѓани, треба да достигнеме европски квалитет на животот. Мислам дека мораме да одбереме пат на зацврстување на стабилноста, динамичен, економски и демократски развој, кој ќе нè води кон достигнување на квалитетот на животот во ЕУ“, изјави Ѓукановиќ.
Тој истакна дека ова значи оти е јасно дека патот на европеизација на регионот е пат без алтернативи, но дека е потребно да се направат квалитетни реформи во нивниот дом и да станат составен дел од современата европска цивилизација.
„Предупредувам, постојат два клучни дефицити. Првиот дефицит е на знаење и мораме тој проблем да го решаваме барем на новите генерации да им создадеме услови за утре да бидат конкурентни на пазарот на труд на обединета Европа. И второ, мораме да ја развиеме инфраструктурата која ќе нè поврзе со ЕУ. Тоа е примарна одговорност на ЕУ. Значи, политиката на ЕУ доби нов квалитет преку Берлинскиот процес. Преку Берлинскиот процес е отворена перспективата за инфраструктурна надградба на нашиот регион, но мое уверување е дека е можно да се работи многу побрзо и поефикасно за надминување на овој недостиг на конкурентност на деловното опкружување во Западен Балкан“, рече црногорскиот претседател.
Тој, исто така, рече дека од агол на неговата земја е најважна реализацијата на проектите за патна инфраструктура, што ќе ги поврзува со Србија и Централна Европа, Албанија и Хрватска. Исто така, Ѓукановиќ го потенцираше фактот дека Црна Гора нуди проект на Меѓународниот центар за одржлива технологија во регионот, преку кој би можеле да ја достигнат ЕУ на тој план.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, смета дека постојаниот политички дијалог, посебно за најтешките прашања, е нешто што треба да се одржува и во што треба да се инвестира уште време, енергија и ресурси.
„Не можеме да бидеме само стабилен и предвидлив регион. Мислам дека посериозна работа е другите да нè видат како стабилни и предвиливи. Затоа ќе ни биде потребно подолго време. Како нè гледаат третите страни е нешто на кое треба заеднички да работиме“, наведе Брнабиќ.
Таа смета дека втор приоритет на регионот е меѓусебната поврзаност преку инфраструктурните проекти.
„Мило ни е што нашиот автопат Белград - Сараево е во фаза што ја започнува изградбата во јуни оваа година. Тоа е прв конкретен чекор во спроведување на тој проект. Покрај таа клучна инфраструктура треба да размислиме за енергетската поврзаност. Треба да работиме на обединет енергетски пазар. Дигиталната поврзаност е на крајот. Ќе ни овозможи да бидеме регион кој има далеку подобра средина за малите и средни претпријатија“, нагласи Брнабиќ.
Таа изрази задоволство што во смисла на дигиталната поврзаност неодамна е потпишан регионалниот договор за роаминг.
„Следно е слободното движење на работната сила. Мораме да бидеме пофлексибилни за луѓето да можат слободно да патуваат и работат. Следната крупна работа е заемното признавање на академските квалификации. Тука ќе обезбедиме позитивни ефекти за проблемите на заминување на младите образовани луѓе. Ќе има повеќе можност за младите да останат и да најдат добра работа. Кога еднаш ќе заминат во Западна Европа, ги изгубивме засекогаш“, изјави Брнабиќ и додаде:
„И на крајот, кога политиката ќе стане тешка и кога има помалку простор за дијалог, тогаш е паметна работа да ги пуштиме деловните луѓе да зборуваат, а политичарите да го следат нивниот пример“.
Панелот за Западен Балкан со присуство на лидерите на пет земји се одржува во склоп на Годишниот состанок на Одборот на гувернерите на Европската банка за обнова и развој, на кој од 7 до 9 мај домаќин е Сараево.