Dejan Maksimoviç
08 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
САРАЕВО (AA) - Зоран Заев, премиерот на Северна Македонија, во текот на денешното престојување во Сараево, каде што присуствуваше на настаните во рамките на Годишната конференција на ЕБРД (Европската банка за обнова и развој), истакна дека врз примерот на неговата земја, сака да ги охрабри лидерите во Босна и Херцеговина (БиХ), но и лидерите на Косово и Србија да ги решаваат политичките спорови, бидејќи граѓаните на тие земји бргу ќе ги почувствуваат економските бенефити, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ова е одлична можност за нас претседателите на владите и државите да зборуваме за идната соработка, да го унапредуваме она што веќе е унапредено, затоа што има многу да се работи на овој наш Балкан. Затоа што капацитетноста да ја унапредуваме нашата трговија со европските земји ќе биде можна ако првин ги унапредиме односите во рамките на нашиот регион. ЕБРД е еден од најголемите инвеститори во сите наши земји. Северна Македонија има близу две милијарди, БиХ 2,3, Србија повеќе од пет милијарди. Тоа се се капитални проекти од инфраструктурата, енергетиката, поврзувањето и слично. Треба да продолжиме во тој правец. Верувам дека е одлична можност, зборувајќи за економската иднина на нашите земји и нашите граѓани, и ние политичарите да се мотивираме да ги отстраниме политичките бариери кои постојат“, рече Заев.
Тој додаде дека искуството на Северна Македонија покажало дека кога ќе ги решите политичките спорови веднаш доаѓаат економските бенефити. По решавањето на споровите со Бугарија и Грција, како што истакна Заев, дошло до раст на БДП, намалување на невработеноста и зголемени се странските инвестиции.
„Сакам да ги охрабрам политичарите од БиХ да донесат одлука. Сакам да ги охрабрам и Косово и Србија да ги решаваат проблемите, бидејќи наше е да им служиме на нашите народи и да им овозможиме подобар стандард“, нагласи Заев.
Премиерот на Северна Македонија најави дека наскоро би требало да биде воспоставена авиолинијата Скопје - Сараево.
Тој учествуваше на панелот на кој со него говореа и Еди Рама, премиерот на Албанија, Ана Брнабиќ, премиерката на Србија, и Мило Ѓунаковиќ, претседателот на Црна Гора.
Панелот за Западен Балкан е одржан во рамките на Годишниот состанок на Одборот на гувернерите на ЕБРД, кој се одржува во Сараево од 7 до 9 мај.