Fatjon Cuka
17 Ноември 2017•Ажурирај: 17 Ноември 2017
ДРАЧ (AA) - Во албанскиот град Драч денеска се одржува трилатерална средба на ниво на министри за надворешни работи на Албанија, Хрватска и Црна Гора, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за Европа и за надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати, вицепремиерот и министер за надворешни работи и европски прашања на Хрватска, Марија Пејчиновиќ-Буриќ и министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, се состанаа во просториите на Археолошкиот музеј во Драч.
„Јадранскиот трипартит“, како форма на состанок, беше воспоставен на средбите на министрите за надворешни работи на трите земји, во февруари оваа година, во Сплит, Хрватска, а денешната средба се одржува во тие рамки. По состанокот, министрите од Албанија, Црна Гора и од Хрватска ќе одржат прес-конференција.
Според Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија, оваа средба служи како платформа за заеднички напори на јадранскиот простор на НАТО, за зајакнување и проширување на соработката меѓу трите земји, како и за заедничка акција во интерес на посигурен и меѓусебно поврзан регион на сите нивоа“.
За време на овој состанок, министрите од трите земји ќе разговараат за координирање на напорите како три земји-членки во Северноатлантската алијанса, за решавање на предизвиците со коишто се соочува регионот на Западен Балкан, како и конкретни проекти за инфраструктурата, енергетиката и туризмот.