живот, Балкан

Човекот кој ги загуби сопругата и ќерката во несреќата во Бугарија раскажа за тоа што го доживеал

Во изјава за АА, Османи раскажа за моментите кога дознал за несреќата, неговите напори да добие информации за судбината на неговите блиски, поради што и самиот отпатувал во Бугарија...

Abdula Berisha  | 26.11.2021 - Обновена : 28.11.2021
Човекот кој ги загуби сопругата и ќерката во несреќата во Бугарија раскажа за тоа што го доживеал Фото: Umeys Sulejman/AA

СКОПЈЕ (АА) - Меѓу оние кои ги загубија своите блиски во трагичната сообраќајна несреќа која се случи во вторникот во Бугарија е и Идавер Османи, чија 63-годишна сопруга Шефије Османова и 23-годишната ќерка Ајла Фера загинаа во оваа несреќа, пишува Агенција Анадолија (АА).

Во изјава за АА, Османи раскажа за моментите кога дознал за несреќата, неговите напори да добие информации за судбината на неговите блиски, поради што и самиот отпатувал во Бугарија, за тоа што го доживеал таму, посакувајќи никој да не доживее ваква несреќа.

- „Тато, дали мама и Ајла дојдоа од Турција?“

Со длабока тага, Османи пренесе дека во вторникот се разбудил во околу 5:30 за да клања утринска молитва и да се подготви да излезе да ги пречека неговите блиски. Во тие моменти добил телефонски повик од неговата ќерка која се наоѓа во Швајцарија, која го прашала: „Тато, дали мама и Ајла дојдоа од Турција?“

Османи истакна дека неговата ќерка му спомнала за сообраќајна несреќа на автобус од Северна Македонија во Бугарија, и тој веднаш почнал да се интересира за која компанија и за кој автобус станува збор.

„Во тој момент почнавме да се загрижуваме за тоа што се случило, како се случило. [На ќерка ми] Ѝ реков, сега спушти го телефонот за да добијам информации од возачите за тоа каде се наоѓаат. За околу половина час дознавме дека се работи за таа компанија, но не знаевме дали станува збор за нашите блиски“, рече Османи.

Тој нагласи дека преку други роднини и возачи успеале да дознаат дека несреќа доживеал токму тој автобус во кој се наоѓале нивните блиски, но дека сѐ уште не знаел дали се живи или се спасиле. По ова, тој со неколку роднини тргнал за Софија за да ги најде преживеаните, со надеж дека меѓу нив ќе бидат и неговите блиски.

Османи истакна дека добил помош од пријатели, кои го придружувале до болницата во која се наоѓале повредените од несреќата.

„Прво [пријателот] ги најде преживеаните. Кога ги дознав имињата, не беа моите блиски. Тогаш сфатив дека сигурно сите мои блиски се загинати“, тажно раскажа тој, и додаде: „Доста голем шок, но човек нема што да прави.“

Тој рече дека со неговите блиски последен пат контактирал во понеделникот, во околу 23:00 часот, кога тие го информирале дека од турската граница преминале во Бугарија. Тој исто така додаде дека во околу 3:00 часот во вторникот повторно се обидел да ги контактира, но не успеал да ги добие на телефон.

Откако дознал за смртта на неговите блиски, рече Османи, контактирал со Амбасадата на Северна Македонија во Софија, како и со обвинители од Северна Македонија, кои, исто така, во вторникот отпатуваа во Софија. Тој нагласи дека претставниците на Исламската заедница во Бугарија им понудиле помош, за што рече дека е благодарен.

„Дојдоа од Исламската заедница на Бугарија, ни понудија помош, ни понудија јадење и пиење, иако никому не му беше до тоа. Ни понудија и ноќевање“, рече Османи.

Но властите го информирале дека нема потреба да ноќева во Софија, и рече дека кога дознале дека не можат да ги примат телата во вторникот, се вратиле во Скопје.

По пристигнувањето во Скопје, Османи нагласи дека отишол да даде примероци за ДНК, за да помогне во идентификација на жртвите. Неговата желба сега е што побрзо да пристигнат телата на неговата сопруга и ќерка за да се изврши погребот.

„Повеќе не знаеме што се случило. Сѐ се зборува, но не можеме да знаеме што имало во автобусот. Некои велат имало бензин, некои велат имало петарди, некои огномет. Ние треба да бидеме трпеливи, да ни ги донесат телата. Господ да не дозволи никој да го доживее ова, бидејќи е голем шок“, рече Османи, додавајќи дека покрај сопругата и ќерката, во несреќата загинале и други негови блиски.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.