Adel Omeragic
14 Август 2021•Ажурирај: 17 Август 2021
ГУСИЊЕ
Меѓународната спортска манифестација „Проклетие Скајранинг 2021“, што содржи планинско трчање на 30 и 50 километри, на која учествуваат 12 претставници од Северна Македонија, започна утрово во Гусиње, на североистокот на Црна Гора, јавува Агенција Анадолија (АА).
Станува збор за една од најкомплексните категории на планинско трчање, каде што натпреварувачите на трката на 30 километри искачуваат висинска разлика од 2.100 метри (се искачуваат на два врва со по висина од 1.000 метри), додека натпреварувачите на трката од 50 километри искачуваат висинска разлика од 4.500 метри (четири врва од по 1.000 метри).
Трката ја започнаа 300 натпреварувачи од 18 земји. Република Северна Македонија ја претставуваат 12 натпреварувачи, а Дејан Ангеловски важи за еден од фаворитите на трката.
На трката на 50 километри, што започна во Гусиње, учесниците ќе мора да ја трчаат рутата што минува низ Бор - Вусање - Алипашини Извори - Брада Везирова - Гребаје - Волушница - Тројан - Кодра Бајрович - Доља - Гусиње.
Меѓународната спортска манифестација „Скајранинг“ (Skyrunning) има сертификат за Светски куп на просторите на поранешна Југославија. Оваа трка го промовира трчањето низ недопрените и диви предели на Проклетие, на надморска височина од над 2.000 метри и има за цел да го зголеми бројот на туристи, промоција на природните потенцијали, како и потенцијалот на културното наследство и нивна промоција.
Учесниците на денешната трка ќе добијат бодови за понатамошните натпреварувања во планинско трчање, како што се UTMB (Ultra Trail du Mont Blanc), натпревар што се одржува на Алпите и минува низ Франција, Италија и Швајцарија.