АТИНА (АА) - ФУРКАН НАЏИ ТОП / ФИЛЈО КОНГО -
Грчкиот премиер Алексис Ципрас истакна дека мора да се гради однос кој ќе биде корисен за народите и за регионот.
Во интервју за Anadolu Agency (АА) Ципрас одговараше на прашањата за турско-грчките односи, за бегалската криза и за долгогодишното кипарско прашање.
Ципрас ја повика Европската Унија да стори сѐ што е во нејзина моќ во однос на поддршката за Турција, која моментално е домаќин на 4 милиони бегалци.
„Сметам дека Турција врз себе презеде голем товар згрижувајќи 4 милиони бегалци. На тоа треба секогаш да му се оддаде признание од страна на меѓународната заедница, и ЕУ треба да стори сè што е во нејзина моќ да го поддржи нашиот сосед“, истакна грчкиот премиер кој оваа недела ќе престојува во дводневна посета на Анкара и Истанбул.
Договорот Турција-ЕУ постигнат во март 2016 година има за цел да ги сопре нерегуларните миграции кон Европа преку Егејското Море.
„Како резултат [на договорот], нелегалните преминувања, а посебно смртните случаи во Егејското Море драстично се намалија“, рече Ципрас.
Договорот вклучуваше пакет помош во износ од 6 милијарди евра за Турција, со цел да ѝ се помогне во грижата за милионите бегалци во земјата. Сепак, Турција досега доби само дел од сумата. Договорот, исто така, вклучуваше забрзување на кандидатурата за членство на Турција во ЕУ и безвизно патување за турските државјани во рамките на Шенген-зоната.
Ципрас нагласи и дека Турција и Грција треба да ја интензивираат меѓусебната соработка во врска со протокот на бегалци, бидејќи „грчките острови се преоптоварени во последните неколку години“.
Грчкиот премиер истакна дека неговата земја има една од најбрзите постапки за азил и дека тие работат напорно за да ја направат процедурата уште поефикасна. Одредени европски лидери, како што е Ангела Меркел, ја обвинија грчката страна дека договорот не функционира правилно.
„ЕУ, од своја страна, мора да најде начин да ја зајакне поддршката кон земјите кои се најмногу погодени од протокот на бегалци и да ги отфрли агендите што не се компатибилни со европскиот закон или со хуманитарните принципи“, рече Ципрас.
- Преговорите за Кипар -
Запрашан дали постои можност за нови преговори за кипарското прашање, Ципрас рече дека страните треба да продолжат да работат за постигнување „фер и одржливо решение засновано на одлуките на Советот за безбедност на ОН“, и покрај изборите во двете земји закажани за оваа година.
Островот во источниот дел на Средоземното Море е поделен уште од 1974 година, кога државниот удар на кипарските Грци беше проследен со насилства против Турците на островот, и интервенцијата на Анкара како сила гарант.
„Обединувањето на островот е единственото можно решение“, рече тој, повикувајќи на ефикасни подготвителни состаноци за безбедносното прашање со турската страна.
Во последниве години, со одредени прекини се одвиваше мировен процес. Преговорите во Кран-Монтана во 2017 година, што беа најнова иницијатива, под покровителство на земјите гаранти Турција, Грција и Велика Британија, завршија со неуспех.
- „Историските чекори во грчко-турските односи“ -
Во однос на билатералните односи на двете соседни земји Ципрас рече: „Мора да се создадат услови за историски чекори во грчко-турските односи.“
Во врска со неговиот личен однос со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, грчкиот премиер истакна дека тој се заснова на почит, чесност и директност, иако поминал низ предизвици во одредени тешки моменти.
„Но, тоа ни овозможи да ги консолидираме каналите за комуникација на многу нивоа, да ги надминеме пречките и да можеме, денес, да зборуваме за една позитивна агенда“, рече тој.
„За време на мојата посета верувам дека ќе имаме можност да го продолжиме тешкиот, но искрен дијалог, што го започнавме во декември 2017 година, и да продолжиме со нашата позитивна агенда од каде што застанавме“, додаде Ципрас, потсетувајќи на посетата на турскиот претседател на Атина, која беше прва посета на претседателско ниво по цели 65 години.
Грчкиот премиер по посетата на Анкара се планира да оствари средба со патријархот Бартоломеј во Истанбул.
Ципрас се осврна и на религиозните слободи на турското муслиманско малцинство во Грција, прашање што беше покренато од страна на Ердоган при посетата на Атина во 2017 година.
„Договорот од Лозана е применлива меѓународна конвенција во однос на малцинствата, така што ние меѓусебно се информираме за релевантните случувања на оваа основа“, рече Ципрас, означувајќи го ова прашање како внатрешно, а не билатерално.
„Ние досега направивме значајни чекори во однос на примената на шеријатското право, на структурата и функцијата на муфтиствата и за образовните прашања. Ќе продолжиме во овој правец“, истакна грчкиот лидер.
Избирањето на муфтиите е главен проблем на муслиманското турско население во Грција од 1991 година, кое брои околу 150.000, и е концентрирано во западниот тракиски регион.
Договорот од Лозана од 1923 година, исто така, ја гарантира верската слобода на муслиманското малцинство во Грција. Меѓутоа, Грција го поништи грчкиот закон во 1991 година, и почна сама да ги назначува муфтиите.