Zülfiya Yakup
04 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
ПРИШТИНА (АА) - Владината комисија за признавање и верификација на статусот на жртвите на сексуално насилство за време на војната во Косово досега позитивно решила 195 случаи од 911 пријави од страна на жртвите на сексуално насилство, беше кажано по денешниот состанок на таа комисија со Комисијата за човекови права, полова рамноправност, исчезнати лица и петиции при Собранието на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот, кој беше затворен за јавноста, претседателката на Комисијата за човекови права, полова рамноправност, исчезнати лица и петиции, пратеничката Дуда Баље изјави дека станува збор за многу чувствително прашање, и порача дека нејзината Комисија ќе стори сѐ што може да помогне.
„Ги посетивме земјите од регионот и разговаравме за ова. За нас како земја важно е да имаме база на податоци. За она што се има случено мораме да зборуваме отворено. Тоа е малку проблематично бидејќи станува збор за чувствителна тема, за приватни нешта во рамките на семејството, но ние ќе направиме сѐ што можеме заедно со Комисијата да направиме база на податоци со цел да имаме повеќе информации“, изјави Баље.
Претседателката на владината Комисија за признавање и верификација на статусот на жртвите за сексуално насилство за време на војната во Косово, Минире Бегај Балај, рече дека Комисијата за време на едногодишната работа се соочила со многу предизвици, бидејќи не било лесно да се разгледа еден таков случај. Таа истакна дека на Комисијата ѝ е потребено еден случај да го разгледува четири до петпати.
„Досега, на ниво на државата, имаме 911 пријави, од кои за 195 случаи го признавме статусот на лица силувани за време на војната, и повеќето од нив веќе добиваат пензии во вредност од 230 евра“, рече Бегај.
Според неа, многу е важно преку кампањи да се подигне свеста на жртвите и на целото општество за оваа тема.
Собранието на Косово во 2014 година усвои закон со кој на силуваните жени им се признава статусот на жртва, и им се овозможува добивање на месечна пензија. Формирана е и деветчлена Комисија, која започна да работи во февруари минатата година.
Според проценките, во Косово околу 20.000 лица преживеале сексуално насилство за време на војната во Косово.