Zülfiya Yakup
20 Мај 2019•Ажурирај: 21 Мај 2019
ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија ги соопшти прелиминарните резултати од вонредните избори за претседатели на четири општини на северниот дел на Косово, според кои, победници се кандидатите на Српската листа, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Централната изборна комисија, според прелиминарните резултати во Општина Северна Митровица победи Горан Ракиќ од Српската листа, со освоени 7092 гласа или 95,2 отсто од гласовите на гласачите. Во Зубин Поток победи Срѓан Вуловиќ, кандидат на Српската листа, со освоени 3995 гласа или 94,5 отсто од гласовите.
Во Општина Лепосавиќ победник е Зоран Тодиќ од Српската листа со 7015 гласа или 96,6 отсто од гласовите, додека во Звечан победи Вучина Јанковиќ од Српската листа со 3767 гласа или 96,4 отсто од гласовите.
Гласачките места на вонредните избори за претседатели на четири општини во северниот дел на Косово беа отворени од 7 до 19 часот, а излезноста, според податоците на Централната изборна комисија, изнесуваше 42,42 отсто.
Истовремено, националната координаторка за избори од Канцеларијата на главниот државен обвинител, Лаура Пула, соопшти дека процесот на гласање за градоначалници на Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, е завршен без никаков случај кој би можел да влијае на кршењето на процесот на гласање. Во соопштението се додава дека е следен и процесот на пребројување на гласовите, кој е завршен без никакви проблеми.
Ракиќ, Тодиќ и Јанковиќ беа градоначалници на општините Северна Митровица, Лепосавиќ и Зубин Поток и по локалните избори во октомври 2017 година. Тие тројца заедно со Стеван Вуловиќ, градоначалникот на Зубин Поток, поднесоа оставки на 27 ноември минатата година, откако Владата на Косово воведе такси од 100 отсто на увозот на стока од Србија и БиХ.
Нивните оставки беа и причина за распишување на вонредните избори во северниот дел на Косово, коишто се одржаа вчера.