Şenhan Bolelli
26 Октомври 2017•Ажурирај: 27 Октомври 2017
БАРСЕЛОНА (АА) - Лидерот на Каталонија, Карлес Пуџдемон, поради притисок од страна на политичките партии и невладини организации, кои ја заговараат независноста, се откажа од одлуката за одржување на вонредни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Пуџдемон во пресрет на заседанието на Сенатот не успеа да ги убеди останатите поддржувачи на независноста да ја поддржат одлуката за одржување на вонредни избори во покраината.
Во обраќањето на новинарите, Пуџдемон истакна дека силно се противи на примената на членот 155. на Уставот за преземање на институциите, полицијата и финансиите во Каталонија.
„Моја должност е да ги употребам сите средства за по пат на дијалог да барам решение со цел спречување на спроведувањето на член 155 “, изјави лидерот на Каталонија.
Шпанскиот Сенат денес или утре би требало да дискутира за примената на членот 155 на Уставот за преземање на институциите, полицијата и финансиите во Каталонија доколку тој регион не се откаже од прогласување на независност.
Владата во Мадрид во сабота го активираше член 155 од Уставот и предложи низа мерки за преземање на надлежности на регионалната влада на Каталонија кои подразбираат разрешување на каталонската влада и преземање контрола над парламентот, изборите, администрацијата и медиумите.
Со тоа шпанската влада го презеде управувањето со Каталонија, а шпанските медиуми пренесуваат дека тоа е прв чекор кон самото укинување на автономијата.