Ekipa
08 Ноември 2017•Ажурирај: 08 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Шпанскиот премиер, Маријано Рахој, изјави дека изборите закажани за следниот месец во Каталонија треба да донесат нова политичка ера во североисточниот регион, да го вратат животот во нормален тек и почитувањето на законот на Шпанија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Конзервативниот лидер ја бранеше наметнатата контрола над владата во Каталонија, откако тамошните сепаратистички лидери се залагаа за прогласување независност од Шпанија.
Владата на Рахој ја распушти сепаратистичката влада во Каталонија и распиша вонредни регионални избори за 21 декември. Сепаратистичките лидери се соочуваат со обвиненија за побуна.
„Се надевам дека изборите ќе отворат нова политичка ера на соживот во која се почитуваат правилата и во која се опоравува шпанската економија“, рече Рахој денес во парламентот, откако пратениците од опозицијата го прашаа за вонредните мерки кои доведоа до преземање на директна контрола врз управувањето со Каталонија од страна на централната власт.