Zylfije Adem Jakupi
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
ПРИШТИНА
Во вториот круг на локалните избори на Косово опозицијата победи во Приштина и во Призрен, а кандидатите на владејачкото Движење „Самоопределување“ победија во Гњилан, Подуево, Каменица и Штимље. Тоа се само 4 од 38 косовски општини кои ќе бидат предводени од партијата на премиерот Албин Курти, известува Агенција Анадолија (АА).
Главниот град на Косово во наредните 4 години ќе го предводи Перпарим Рама, кандидат на Демократскиот сојуз на Косово, кој на изборите освои 51,07 отсто од гласовите и зад себе го остави Арбен Вити од Движењето „Самоопределување“.
Според прелиминарните податоци на Централната изборна комисија на Косово, врз основа на преброени 100% од гласовите, владејачката партија на централно ниво загуби со многу тесен резултат и во Призрен, втор по големина град во Косово.
Во Призрен кандидатот на Демократската партија на Косово Шаќир Тотај беше подобар од актуелниот градоначалник на „Самоопределување“ Митахер Хаскука, освојувајќи 51.01% од гласовите.
Демократската партија на Косово покрај Призрен, победи и во Глоговац, Драгаш, Качаник и Вучитрн. Заедно со четири освоени општини во првиот круг (Јужна Митровица, Урошевац, Елез Хан и Скендерај), Демократската партија на Косово ќе управува со 9 општини во земјата.
Демократскиот сојуз на Косово во вториот круг на локалните избори, покрај Приштина, извојува победа и во Исток, Косовско Поле, Витина и Јуник, Во првиот круг на локалните избори, одржани на 17 октомври оваа партија славеше победа во Пеќ, Липјан. Демократскиот сојуз на Косово во наредните 4 години ќе управува со 7 општини во земјата.
Алијансата за иднината на Косово победи во Ѓаковица, Клина и Ораховац, и заедно со општините Дечани и Сува Река во кои победија во првиот круг, на овие избори победија во 5 општини.
Во Клокот победи Српската листа, поддржана од Белград. Српската листа извојува победа во 10 општини со мнозинско српско население. Тоа се Лепосавиќ, Северна Митровица, Ново Брдо, Шртпце, Зубин Поток, Звечан. Грачаница, Ранилуг, Партеш и Клокот.
Нисма победи во Малишев, додека во Обилиќ победи кандидатот на Граѓанската иницијатива Обилиќ.
Кандидатот на Турската демократска партија на Косово победи во Мамуша, општина со мнозинско турско население.
Според податоците на Централната изборна комисија на Косово, излезноста на гласачите изнесува 38%. Во вториот круг се гласаше во 575 гласачки центри со 1.638 бирачки места. Централната изборна комисија на Косово соопшти дека процесот на гласање изминал регуларно.
Гласањето е организирано во согласност со пропишаните мерки за заштита од ширење на коронавирусот. Мандатот на градоначалниците и членовите на општинските совети трае 4 години.