Besar Ademi
12 Јуни 2017•Ажурирај: 12 Јуни 2017
ПРИШТИНА (АА) - Централната изборна комисија (ЦИК) на Република Косово започна со објавувањето на првичните резултати од предвремените парламентарни избори, кои започнаа на време, во 07:00 часот, а завршија во 19:00 часот, јавува Anadolu Agency (AA).
Вкупниот број на регистрирани гласачи е 1.872.941, а според последниот извештај на ЦИК, право на глас имаат искористено 759.904 граѓани. ЦИК информираше дека досега 84.107 гласачки ливчиња се избројени, од кои 5.880 беа прогласени за неважечки.
Од броењето на првите ливчиња, коалицијата ПДК-ААК-НИСМА, чијшто кандидат за претседател на Владата е Рамуш Харадинај е на прво место со 36,56 проценти или 28.565 гласови.
Втора е коалицијата ЛДК-АКР-Алтернатива, чијшто лидер е Абдула Хоти, со 22,72 отсто од гласовите, или 17.752 гласови, додека на трето место е Движењето Самоопределување предводено од Албин Курти, кое според досегашните резултати освои 18,77 отсто од гласовите, или 14.803 гласови.
Инаку, на предвремените парламентарни избори во Косово учествуваат 26 политички субјекти: 19 политички партии, пет коалиции и две инициативи со вкупно 971 кандидати. Секој граѓанин со право на глас може да гласа за еден политички субјект и пет негови кандидати, во вкупно 889 избирачки центри со 2.490 избирачки места низ цело Косово.