Abdula Berısha
17 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерката на Владата на Северна Македонија задолжена за економски прашања, Мила Царовска, заедно со дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и директорката на Агенцијата за вработување (АВР), Билјана Јовановска, одржаа прес-конференција на која беа презентирани резултатите од реализацијата на Оперативниот план на програми и мерки за вработување за 2019 година, јавува Aгенција Анадолија (AA).
Вицепремиерката Царовска рече дека планот е со висок процент на реализација, што според неа, говори за добро креираните мерки и програми со бизнис-секторот кои придонеле за намалување на невработеноста.
„Во 2019 година од буџетот на Република Северна Македонија се издвоени рекордни 1,3 милијарди денари, што е за 84 проценти повеќе од 2016 година кога вкупниот буџет за оперативни мерки за вработување бил 707 милиони денари. Ова е директна интервенција во зголемување на вработливоста кај невработените лица, но исто така е и можност за директна поддршка на ново формирање на компании коишто понатаму треба да отвораат нови работни места“, рече Царовска.
Дополнителната заменик-министерка Шкријељ рече дека Оперативниот план за 2019 година доминантно се насочува кон поддршка и поттикнување на младите луѓе.
„Младинската гаранција е една од носечките европски иницијативи, а Република Северна Македонија е единствена држава, која не е членка на ЕУ, и започна со реализација на Младинската гаранција. Прво како пилот-програма во 2018 година, за во 2019 година да се прошири на територијата на целата држава. И ние сме навистина позитивно охрабрени од резултатите на Младинската гаранција, во 2019 година 20.301 младо лице биле опфатени со Младинската гаранција“, рече Шкријељ.
Таа објасни дека со оваа програма секое младо лице во рок од 4 месеци по пријавувањето во Агенцијата за вработување добива можност за вработување, обука, преквалификација или практиканство.
Директорката на АВР, Јовановска, изрази задоволство од интересот на невработените лица и работодавачите за активно учество во мерките и политиките за вработување.
„Со субвенционирање на плати се отворија 1.383 нови работни места. Поддршката за вработување и раст на правни субјекти придонесе за отворање на 621 ново работно место. Исто така, практиканството како активна мерка беше многу побарувана од страна на работодавачите, но за неа имаше интерес и од страна на младите невработени лица, и 1.697 млади лица беа вклучени во практиканството како активна мерка“, рече Јовановска.