Stipe Majic
13 Јануари 2020•Ажурирај: 14 Јануари 2020
ЗАГРЕБ (AA) – Во Хрватската стопанска комора (ХГК) се одржува Хрватско-албански бизнис-форум во рамките на официјалната посета на министерката за економија и финансии на Република Албанија, Анила Денај, на Хрватска, јавува Агенција Анадолија (АА).
Денај во текот на гостувањето во Хрватската стопанска комора искажа надеж дека овој стопански форум ќе помогне во унапредување на стопанската соработка помеѓу двете држави и дека хрватското искуство во процесот на пристапување кон Европската Унија е драгоцено за Албанија, која ќе настојува да го примени тоа.
Министерката Денај посебно ѝ се заблагодари на Хрватска за брзата и ефикасна помош што ѝ е упатена на Албанија по земјотресот.
Министерот за економија на Хрватска, Дарко Хорват, истакна дека албанскиот пазар е мал, но физички близу до Хрватска, чии претприемачи имаат што да му понудат на тој пазар: во изградбата на патишта и автопатишта, железничка инфраструктура и на подрачјето на новите технологии, но и на полето на трансферот на квалитетни прехранбени индустрии на албанскиот пазар.
„Албанскиот туристички пазар поприма сè поголеми концепции, сето она што сега низ туристичката понуда го нудиме во Хрватска, на ист начин да се понуди во Албанија е еден од приоритетите“, рече Хорват.
„Мешовитата хрватско-албанска стопанска комисија, која не е активна од 2016 година, треба да се рехабилитира“, порача Хорват.
Истакна дека за хрватското претседавање со Советот на ЕУ важно за Албанија е да подготви архитектура за претпристапните преговори и архитектура за повлекување европски пари на пазарот на Албанија.
Претседателот на ХГК, Лука Буриловиќ, оцени дека постои голем интерес за соработка на двете економии, односно компаниите од Хрватска и Албанија, како и добра политичка соработка на двете пријателски земји.
„Трговската размена помеѓу Хрватска и Албанија на минатогодишно ниво изнесуваше околу 60 милиони долари“, наведе Буриловиќ и додаде дека овој износ треба да се зголеми и соработката да се унареди, што делумно е остварено со зголемувањето на 35 отсто во однос на 2017 година.
„Се надевам дека за време на хрватското претседавање со Советот на Европската Унија ќе дојде до потпишување на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија, што дополнително ќе ги унапреди нашите економски односи“, оцени Буриловиќ.
На бизнис-форумот во ХГК учествуваат 40-тина хрватски и 20-тина албански стопанственици.
Пред шест месеци хрватска делегација на чело со министерот за економија, Дарко Хорват, ја посети Албанија, каде што беше одржан албанско-хрватски стопански форум во организација на двете стопански комори.