Husamedın Gına
14 Јануари 2020•Ажурирај: 15 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Техничкиот премиер на Северна Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека Северна Македонија се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт, јавува Агенција Анадолија (АА).
Техничкиот премиер на Северна Македонија, Оливер Спасовски, денеска во Медија центарот на Владата, одржа прес-конференција.
Спасовски посочи дека сите субјекти што учествуваат во Владата треба да имаат политичка и професионална одговорност за доброто на граѓаните и развојот на Северна Македонија.
„Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции на државната власт. Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната и институционална политичка и професионална одговорност и да се даде најдобриот придонес за доброто на граѓаните и за развојот и напредокот на Северна Македонија“, нагласи Спасовски.
Тој наведе дека сите постапки на секој член на извршната власт мора јасно да потврдат дека Владата и државата се во сигурни раце.
„Во сите линии на хиерархија треба да произлегува одговорноста да им укажеме на сите наши граѓани дека треба да бидат спокојни. Сите услуги до граѓаните и сите обврски на институциите ќе бидат испорачани во целост и навреме“, рече премиерот Спасовски, додавајќи дека граѓаните треба да бидат безгрижни затоа што услугите и правата ќе продолжат непречено да се реализираат.
„Сите институции“, како што посочи премиерот Спасовски, „имаат историска одговорност да продолжат со организација на избори како што доликуваат на една европска демократија, на земја која се стреми кон полноправно членство во Европската Унија.“
Истакнувајќи дека украс на секоја демократија се слободните медиуми, Спасовски рече дека сите новинари и медиумски работници треба да уживаат максимална заштита и слобода и дека го осудуваат секое насилство и говор на омраза против новинарите.
Потсетуваме, Собранието на Република Северна Македонија на 3 јануари ја избра техничката Влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април, согласно договорот на политичките партии.