Abdula Berisha
25 Јули 2019•Ажурирај: 26 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, престојува во официјална посета во Северна Македонија, каде што оствари билатерална средба со премиерот Зоран Заев, по што одржаа заедничка прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев рече дека комесарот Хан е искрен поддржувач на патот на Северна Македонија за влез во Европската Унија (ЕУ), додавајќи дека неговиот ангажман во Западен Балкан дал големи резултати.
„Комесарот Хан денеска е меѓу нас, за да го означиме стартот на последната фаза до стартот на преговорите, затоа што нашите очи се фокусирани на октомври. За време на утринскиот разговор со г-дин Хан, порачав дека во октомври очекуваме Европската Унија да си го одржи зборот и да објави дека земјата може да ги отпочне преговорите по поглавјата за членство во Европската Унија“ рече Заев, додавајќи дека на тој начин ќе биде потврдено и тоа што беше наведено во извештајот на Европската комисија за Северна Македонија.
Комесарот Хан изрази жалење што земјите членки на ЕУ не ја донесоа одлуката за почеток на преговорите за членство на земјата во јуни, бидејќи, како што истакна тој, Северна Македонија ги спроведе сите работи што биле однапред договорени.
„Убеден сум дека врз основа на изјавата на водачите на ЕУ, оваа одлука ќе биде донесена во октомври, Северна Македонија напорно работеше за тоа и сега е време кога лидерите на ЕУ треба да испорачаат. Постојат моменти кога другите треба да испорачаат, не секогаш вашата земја“, рече Хан.
Еврокомесарот, исто така, рече дека е неопходно земјата да продолжи да ги исполнува неопходните реформи, изјавувајќи дека со тоа не се губи време, туку се олеснуваат идните преговори за членство во ЕУ.
За време на неговата посета на Скопје, комесарот Хан ќе се сретне со претседателот на државата, Стево Пендаровски, лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со кои, како што рече тој, ќе разговараат за реформите, особено за владеењето на правото.
Хан порача дека сега е важно да се донесе Законот за Јавното обвинителство, според кој Специјалното јавно обвинителство е дел од Основното обвинителство, додавајќи дека е време сите политички партии одговорно да пристапат кон ова прашање и до октомври да се усвојат потребните реформи.