Husamedin Gina
25 Јули 2019•Ажурирај: 27 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) денес го објави тендерот за градба на првиот дел од Автопатот Скопје - Блаце, кој се однесува на делот од Блаце до влезот на село Блаце во должина од 2 километри“, рече Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за европски прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес имаше работен состанок со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, на кој разговараа за реализацијата на проектот „Скопје – Блаце“.
Веднаш по состанокот, вицепремиерот Османи и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Китанов одржаа заедничка прес-конференција.
Вицепремиерот Османи, истакнувајќи дека денес е објавен тендерот за првата делница од новиот Автопат Скопје – Блаце, рече дека тоа е важна комуникациска артерија што ќе ја поврзува Северна Македонија и Косово, и дека автопатот добил особено значење откако косовската страна го завршила својот дел од Приштина до граничниот премин „Блаце“.
„Денеска е важен ден во реализацијата на овој проект односно денеска ЈПДП го објави тендерот за градба на првиот дел од автопатот од Блаце до влезот на село Блаце во должина од 2 километри, со највисоките стандарди“, истакна Бујар Османи, додавајќи дека со најоптимистичка варијанта градежните работи можат да започнат оваа година.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, давајќи повеќе детали за Автопатот Скопје – Блаце истакна дека тендерот за првите два километри од автопатот ќе биде отворен до 4 септември оваа година.
„Идниот автопат ќе биде изграден според европски стандарди со две ленти за возење и една лента за принудно застанување во еден правец, ширината на лентите за возење е по 3,5 метри, лентата за принудно застанување 2,75 метри, односно целосната широчина на асфалтниот коловоз во еден правец изнесува 10,25 метри, средниот појас е 4 метри, а брзината за движење ќе биде 100 километри на час“, нагласи директорот Китанов, додавајќи дека рокот за изработка е 18 месеци, а средствата ќе бидат обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта.
Автопатот Скопје – Блаце ќе биде долг 12,4 километри. Со завршувањето на овој автопат се очекува патувањето меѓу Приштина и Скопје да се скрати од два часа на 45 минути.