Балкан

Османи: „Европската комисија го заклучи текстот на нацрт-преговарачката рамка за преговори“

- Вицепремиерот Бујар Османи рече дека новата методологија за првпат е вклучена во рамките на преговорите за членство во ЕУ

Abdula Berisha  | 02.07.2020 - Обновена : 03.07.2020
Османи: „Европската комисија го заклучи текстот на нацрт-преговарачката рамка за преговори“

СКОПЈЕ

Вицепремиерот на Северна Македонија за европски прашања, Бујар Османи, на прес-конференција информира дека Европската комисија го заклучи текстот на нацрт-преговарачката рамка за преговори и го достави до Европскиот совет, јавува Агенција Анадолија (АА).

Вицепремиерот Османи рече дека ова е работен документ кој допрва треба јавно да се објави и дека не е финален, но додаде дека тој е основа врз која земјите членки на ЕУ ќе ги изнесат нивните национални позиции.

„Европската комисија технички ја подготвуваше преговарачката рамка врз основа на искуството од претходните преговори, но за првпат, целосно вклучувајќи ја и новата методологија во преговарачките рамки на Северна Македонија и Албанија“, рече Османи.

Тој објасни дека како услови за напредок во рамката се споменуваат Копенхашките критериуми, регионалната соработка и добрососедските односи, како и целосното спроведување на обврските од Договорот за стабилизација и асоцијација.

„Според новата методологија, нацрт-рамката го дефинира и начинот на кој ќе се мониторира напредокот во преговорите и тука се особено важни три казнени механизми или набљудувачки механизми: суспензивната клаузула, клаузулата за нерамнотежа и клаузулата за реверзибилност“, рече Османи.

Вицепремиерот за европски прашања рече дека во зависност од тоа дали има регресија или напредок во реформите, износот на ИПА фондовите што се ставени на располагање може да се намали или да се зголеми.

Османи рече дека и покрај предизвиците со пандемијата на коронавирусот, ЕУ не стагнира во процесот на проширување, за што тој им се заблагодари на комесарот за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји, како и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Потсетуваме дека на 24 март, земјите членки на ЕУ постигнаа политички договор за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.