Zylfije Adem Jakupi
02 Јули 2020•Ажурирај: 02 Јули 2020
ПРИШТИНА (АА) - Во Косово во изминатите 24 часа од Ковид-19 починаа тројца пациенти, додека регистрирани се 113 новозаразени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Националниот Институт за јавно здравје на Косово соопшти дека на 1 јули се тестирани 266 сомнителни примероци од Клиниката за инфективни болести, од кои 113 се позитивни на коронавирусот.
Од почетокот на епидемијата, регистрирани се вкупно 2.991 позитивен случај од тестирани 24.046 лица сомнителни на коронавирусот. Досега од Ковид-19 починаа 54 луѓе кои имале и други болести.
Денес се излекувани 67 пациенти, со што бројот на излекувани е зголемен на 1.644. Во моментов активни се 1.293 позитивни случаи.
Владата на Косово, денес, поради големиот раст на бројот на заразени во последните две недели, усвои низа нови мерки со цел сузбивање на ширењето на коронавирусот. Меѓу мерките е и задолжителното носење на заштитни маски во институциите.
Дел од мерките наложува намалување на бројот на персоналот во јавната администрација и работа од дома или преку интернет, како и затворање на сите канцеларии во јавните институции или во приватните бизниси каде што е регистриран позитивен случај, и изолација на контактите на заразените во траење од 14 дена.
Заштитни маски мора да носат и вработените во продажните и угостителските објекти, но и сите во јавниот превоз и такси-возилата. Дезинфекцијата на возилата е задолжителна двапати дневно, а се препорачува отварање на прозорците.
На санитарните и општинските инспекции им е наложено да дејствуваат во случај на непридржување кон препораките.
Погребите може да се вршат само во најтесниот круг на семејството, а пропишани се и дополнителни мерки на заштита во домовите за стари лица. Забранети се и посети на членовите на семејството на пациентите во болниците. Забрането е собирање на повеќе од 50 луѓе на отворен и затворен простор. Наложено е и целосно активирање на локалните штабови.