Учесниците на „Трибуналот за Газа“ во Сараево: Геноцидот последна фаза на ционистичкото преземање на Палестина
„Го сакам концептот на меѓународно право, но Израел не го почитува бидејќи знае дека нема да биде санкциониран – сè ќе биде блокирано во Советот за безбедност. Тоа го сметам за фатален неуспех на меѓународното право“

САРАЕВО (АА) – Геноцидот во Газа е последна фаза од ционистичкото преземање на Палестина, порачаа учесниците на „Трибуналот за Газа“, независна иницијатива на граѓанското општество основана како „народен трибунал“, кој се одржува во Сараево, јавува Анадолу.
- Почна „Трибуналот за Газа“ во Сараево: Документирање на воените злосторства и правда за Палестинците
На седницата во Сараево се собраа Управниот одбор на Трибуналот, специјализираните совети, Советодавниот политички совет и стручни сведоци на четиридневни јавни расправи. Учесниците ќе ги разгледаат истражувачките извештаи, ќе слушаат сведоштва на сведоци и експерти и ќе дискутираат за нацрт-декларацијата – сеопфатен документ што треба да служи како референција за одговорност и спречување на слични ситуации низ светот.
Пени Грин, професорка по право на Универзитетот „Квин Мери“ во Лондон и една од членките на Трибуналот за Газа, изјави дека на првата јавна седница во Сараево ќе зборува за геноцидот во Газа.
– Документирање на воени злосторства –
„Денес сме тука како членови на граѓанското општество, како луѓе со совест, за да зборуваме за ужасите што се случуваат во Газа“, рече таа, нагласувајќи дека ќе бидат сослушани сведоштва и стручни анализи.
Како што рече, собрани се да зборуваат и за уништувањето со кое се соочува народот на Газа веќе 19 месеци, но и порано.
Таа истакна дека ќе спроведат голем број активности со цел подигнување на свеста за темите поврзани со геноцидот во Газа.
„Тука сме за да порачаме дека ова мора да престане, мора да се запре“, рече таа, мислејќи на поддршката што некои земји му ја даваат на Израел, кој спроведува геноцид во Газа.
Настанот претставува клучен чекор во мисијата на Трибуналот да ги документира воените злосторства, да ги пополни празнините во меѓународниот правосуден систем и да се залага за правда за Палестинците.
– Сведоци на злосторства и геноцид 19 месеци –
Ахмет Короглу од Универзитетот во Истанбул и координатор на проектот за Газа потсети дека „Трибуналот за Газа“ е иницијатива основана минатата година.
„Цели 19 месеци сме сведоци на злосторства и геноцид во Газа. Очекувавме меѓународните правосудни институции, владите и народите да го решат овој проблем, но, за жал, сè уште нема решение за палестинското прашање“, рече Короглу.
Собрале повеќе од 1.000 сведоштва и стручни мислења што ќе ги достават до Меѓународниот суд на правдата (МСП) и Меѓународниот кривичен суд (МКС).
„Во Лондон и Истанбул одржавме неколку иницијативни состаноци за да го организираме овој во Сараево, кој е прва јавна седница. Тука се присутни многу академици, интелектуалци, новинари и сведоци“, објасни тој, додавајќи дека по Сараево ќе следува главната расправа во Истанбул во октомври, каде што ќе се сослушаат искази на жртви и сведоци, а ќе биде објавен и нацрт на конечната одлука.
– Да не се заборави Западниот Брег –
Џеф Халпер, шеф на израелскиот Комитет против уривање домови, истакна дека учествува на настанот како академик и политички активист.
„Ова е особено важно во овој период на геноцид, кога треба да се фокусираме на случувањата во Газа. Но не само во Газа – не смееме да го заборавиме Западниот Брег и она што израелската Влада го нарекува ‘газификација’ на тој дел“, рече тој, потсетувајќи дека израелскиот министер за одбрана изјавил дека лекциите научени во Газа – односно лекцијата за геноцид – сега се применуваат и во бегалските кампови во северниот дел на Западниот Брег – Џенин, Тулкарем, Наблус и други.
„Сето ова се случува паралелно со етничко чистење и воено присуство низ целиот Западен Брег и со насилство од доселениците“, предупреди Халпер.
Тој истакна дека геноцидот во Газа е последна фаза на ционистичките напори за преземање на Палестина и обид за трансформација на европска држава во еврејска.
„Тоа е последниот обид на ционизмот пред да се почувствува како победник“, рече тој.
Според него, значењето на Трибуналот за Газа не е само во укажувањето на фактите туку и во нивното поставување во политички контекст.
„Сметам дека намерата на овој собир е да ја прошири дебатата и да овозможи политичка дискусија покрај правна. Тоа е мошне важно бидејќи МСП и другите тела често го испуштаат политичкиот контекст“, додаде активистот од Ерусалим.
Иако меѓународното право е добро замислено, Халпер смета дека му недостасуваат механизми за спроведување и дека сите случаи на крајот завршуваат пред Советот за безбедност на ОН, каде што често се блокираат со вето од САД и уште четири светски сили.
„Го сакам концептот на меѓународно право, но Израел не го почитува бидејќи знае дека нема да биде санкциониран – сè ќе биде блокирано во Советот за безбедност. Тоа го сметам за фатален неуспех на меѓународното право“, рече тој.
Халпер додаде дека целта на политичката кампања е да се мобилизираат луѓето низ светот и да извршат притисок врз своите влади за да го притиснат Израел да го запре насилството.
- Бришење на историјата на Газа -
Енди Симонс, британски кустос, рече дека универзитетите во Газа имале специјални архиви и збирки документи – кои сега се уништени.
„Знаеме дека Израелците се обидуваат да ја избришат историјата на Газа“, додаде тој.
Денес во Сараево се одржува седница насловена „Меѓународно право“, на која се зборува за системското кршење на меѓународните правни рамки, вклучително и за Наκбата, манифестациите на геноцидна намера и пропустите во заштитата на цивилите.
На 27 мај сесијата „Меѓународни односи и светски поредок“ ќе се фокусира на геополитичките околности, политичката економија на геноцидот, празнините во глобалното управување и одговорите на граѓанското општество.
На 28 мај сесијата „Етика и филозофија“ ќе се посвети на историскиот контекст на палестинското прашање, неговите идеолошки основи, отпорот на геноцидот и политиката на сеќавање и медиумските наративи.
Четиридневните сесии ќе завршат на 29 мај со посебна расправа за Сребреница и Газа, по што ќе биде објавена и Сараевската декларација.
„Трибуналот за Газа“ официјално беше основан во Лондон во ноември 2024 година од коалиција од академици, интелектуалци, бранители на човековите права и претставници на граѓански организации, како одговор на она што тие го опишуваат како „целосен неуспех на организираната меѓународна заедница да го спроведе меѓународното право“ во Газа.
Предводен од Ричард Фолк, истакнат експерт за меѓународно право и поранешен специјален известувач на ОН за окупираните палестински територии, Трибуналот се позиционира како обид да се „затвори јазот во спроведувањето на правото преку притисок од граѓанското општество врз владите да дејствуваат“. Тој „црпи авторитет од луѓето и нивното чувство за правда наместо од владите и нивните институции“.